Заврши проектот „Поддршка за бегалците во Македонија“ |
Thursday, 31 March 2016 16:16 | |||
Со петмесечниот проект „Поддршка на бегалците во Македонија“, МЦМС обезбеди електрична енергија за три големи шатори поставени во транзитниот центар „Табановце“; постави четири контејнери во истиот центар наменети за сместување на ранливи категории луѓе, особено жени и деца; постави мобилни тоалети и два санитарни блока (тоалети и тушеви) во транзитниот центар „Винојуг“; постави настрешници во транзитните центри и тоа на излезот од „Табановце“ и на влезот од „Винојуг“; дистрибуира зимска облека и обувки за бегалците во транзитниот центар „Винојуг“ и облека за над 500 жени бегалки во двата транзитни центри. Активностите овозможија овие прибежишта на бегалците да бидат загреани и осветлени, а во нив бегалците можеа да ги наполнат и нивните телефони пред да го продолжат патот. Настрешниците ги заштитија бегалците од дождовите и снеговите, а тоалетите и тушевите овозможија во одредена мерка да се задоволат хигиенските потреби. Дистрибуцијата на облека беше одговор на потребите кои ги наметнаа студените зимски месеци. Притоа, облеката за жените беше во склад со традицијата на земјите од каде што доаѓаат бегалците. МЦМС континуирано ја следеше состојбата со бегалската криза во Македонија и одговараше таму каде што имаше потреба. Активностите се одвиваа во тесна соработка со граѓанските организации и државните институции. Поради затворањето на границите во моментов во транзитниот центар „Табановце“ има околу 1000 бегалци кои престојуваат таму неколку недели и околу 100 бегалци кои се наоѓаат во транзитниот центар „Винојуг“. Новонастанатата ситуација бара континуирана грижа за бегалците што вклучува обезбедување на топол оброк и опрема за кујните. МЦМС ќе продолжи редовно да ја следи состојбата со бегалската криза и постојано ќе се координира со владините и граѓанските организации кои работат на терен. Проектот финансиски го поддржа (Norwegian Church Aid) која е членка на Акт Алијансата (Act Alliance).
|