Граѓаните поддржаа четири проекти |
Monday, 16 September 2013 08:11 | |||
На четвртата форумска сесија од меѓу-општинскиот форум за Македонска Каменица и Делчево која се одржа на 3 јули 2013 година, во Спомен домот АСНОМ во Делчево граѓани од двете општини ја дадоа својата поддршка на четири проекти. Проектите ги подготви работната група која работеше помеѓу двете форумски сесии. Сите ја третираат одбраната тема „Собирање смет“, односно одделни сегменти од неа и тоа: „Со селекција и рециклирање на отпадот до почиста околина“; „Специјални возила за собирање смет“; „Расчистување на дивите депонии“; „Уредување на градските депонии“. „Форумските сесии се одлична можност за граѓаните од двете општини да ги детектираат проблемите. Веќе на следната сесија ќе имаме можност да го избереме најприоритетниот проект, оној што навистина е важен и за Делчево и за Македонска Каменица“, изјави Данче Арсова од Делчево. И за Верица Митревска форумските сесии се одлично спроведени. Таа смета дека тие „ќе доведат до решавање на најгорливиот проблем од областа на собирањето отпад во регионот на Делчево и Македонска Каменица.“ Понудените проекти детално ги разработуваа проблемите и решенијата за кои беше подготвен и детален буџет. На форумската сесија граѓаните дискутираа и упатија до работната група уште неколку сугестии со кои предложените проекти ќе бидат уште поквалитетни. Граѓаните дадоа едногласна поддршка за предложените проекти кои по вградувањето на последните сугестии ќе бидат упатени пред Програмскиот одбор на Форумите за заедниците.
|