Меѓусебно информирање и координација за оспособување на жените |
Monday, 08 July 2013 08:37 | |||
На 4 јули 2013 г. во МЦМС, се одржа координативен и информативен состанок на организациите кои спроведуваат проекти во рамките на грант-шемата „Подобрување на можностите за вработување на пазарот на трудот на жените од малцинските етнички заедници“ од 4-та компонента на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). На состанокот присуствуваа претставници на шест од седумте проекти, на Секторот за централно финансирање и склучување договори (ЦФЦД), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Делегацијата на Европската Унија, како и на уште еден проект од 4-та компонента на ИПА. Во првиот дел организациите ги споделија искуствата од досегашното спроведување на проектите. Идентификувани се околу 1.000 жени, кои на различни начини се вклучуваат во проектите т.е. преку курсеви за јазици, компјутери, занимања, комуникациски вештини, вештини за вработување, за законска регулатива, како и обука низ работа во претпријатија. Во рамки на проектите се формираат бизнис инкубатор во рурални средини, клубови за вработување на жените, се промовираат ромски советници за вработување, се прават анализи на локалните потреби и понуда на пазарот на трудот, се креираат куси биографии и планови за личен развој на вклучените жени, етнички Албанки, Турчинки, Бошњачки, Ромки и др. Проектите се спроведуваат во повеќе региони на Македонија. Вториот дел беше посветен на проблемите и предизвиците со кои организациите се сретнуваат при спроведувањето на проектот на терен, но и при неговото администрирање. Несовпаѓањето на побарувачката со понудата на работната сила, различните очекувања на корисничките и претпријатијата, недостатокот на испорачувачи на курсеви за одредени теми, како што се занимањата, начинот на вклучување на корисничките во претпријатијата и покривањето на трошоците се дел од проблемите на терен. Процесот на набавки, кој се спроведува според Практичниот водич за процедури за договори на ЕУ (ПРАГ), предизвикува одложување на дел од активностите во проектите. Ова од една страна се должи на неискуството на организациите за спроведување набавки, немањето доволно или пак незаинтересирани добавувачи за одредени локации, а од друга страна на подолгиот период кој им е потребен на одговорните институции да одобрат. Повторно се актуелизира и прашањето за признавањето на персоналниот данок, како подобен трошок во проектите финансирани од ЕУ. Одговорните институции укажаа дека и за оваа грант-шема овој данок нема да биде подобен. Од друга страна, организациите имаат законска обврска да го плаќаат данокот скоро на сите трошоци во проектите, а немаат можност да го повратат, што предизвикува дополнително финансиско оптоварување на граѓанските организации. Состанокот се одржа во рамките на проектот на МЦМС „Оспособување на жените погодени од конфликтот“, кој се спроведа во партнерство со Флоренс Најтингел, Инцијатива за европска перспектива и Рекански бисер. Целта на програмата е поддршка на пристапот на жените погодени од конфликтот до пазарот на трудот.
|