Повеќегодишно наместо едногодишнo државно финансирање на ГО |
Tuesday, 26 November 2019 00:00 | |||
Шеесетина претставници на граѓански организации учествуваа во консултациите за утврдување на приоритетни области за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите од државниот буџет за 2020 година. Здруженијата сметаат дека Владата поставила голем број на приоритети за 2020 година и доколку сите се опфатат, не може да се очекува било каков резултат во наредната година. Учесниците предложија повеќегодишни грантови што ќе им помогнат на организациите подобро да ги планираат своите активности. Освен тоа, доколку се утврдат повеќегодишни приоритети, како на пример за наредните три години, организациите ќе постигнат поголеми резултати на тие полиња, а исто така ќе имаат континуитет во спроведувањето на своите програми. Освен тоа, тие се согласија дека е потребно да се поедностават потребните документи и критериумите за пријавување, како и да се воспостави електронска платформа за регистрација и пријавување на повиците согласно практиките на ЕУ. Граѓанските организации го поддржаа воспоставувањето на бодови за поттикнување на регионален рамномерен развој и сметаат дека на овој начин ќе се опфатат помалку развиените региони и градови од земјата. Консултациите се одвиваа од 12 до 15 ноември 2019 година во Скопје, Штип и Битола, а беа организирани во рамките на програмата „Одржливо граѓанско општество – државно финансирање на граѓански организации“. Целта е тие да се воспостават како редовна пракса и да се користат за утврдување на приоритетите за финансирање на граѓанските организации од државата. За консултациите, MЦМС му даде логистичка поддршка за Одделението за соработка со НВО при Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија. Програмата е имплементирана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Балканската мрежа за развој на граѓанско општество (БЦСДН) и Центарот за информирање, соработка и развој на граѓанските организации (ЦНВОС) од Словенија, а финансирана од Европската Унија.
|