Анализа: Огледало на Владата 2012 - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Анализа: Огледало на Владата 2012 PDF Print E-mail
Tuesday, 16 April 2013 15:06

ucestvo-vo-javnosta-mkМакедонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) ја изготви публикацијата „Огледало на Владата 2012: учество на јавноста во процесите на подготовка на закони“ којашто треба да им послужи на граѓанските организации, државните службеници и општо на јавноста да се информираат за отвореноста на институциите и да ги зголемат знаењата за процесите на подготовка на закони.

Анализата треба да придонесе кон застапеноста и учеството на граѓанското општество во подготвувањето и спроведувањето на јавните политики, преку воспоставување модел за следење на отвореноста на процесите на подготовка на закони и информирање за спроведувањето на постоечките механизми со кои е предвидено вклучување на јавноста.

Анализата се состои од два дела. Првиот дел ги содржи резултатите добиени со прашалници испратени до државните институции во периодот 1 март –31 октомври 2012 г. Преку нив е оценета отвореноста на државните институции во комуникацијата со јавноста и отвореноста на процесите на подготовка на 26 акти на 12 министерства. Во вториот дел се претставени резултатите од следењето на минимумот стандарди за учество на јавноста во подготовка на законите, односно запазувањето на временскиот рок за консултации за објавените предлог-закони на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) во периодот од 1 март до 31 октомври 2012 г. Исто така е направен преглед како министерствата ги користат своите веб-страници за објавување на предлог-законите и за информирање на јавноста за можноста да се вклучи во подготовката на предлог-законите.

Главни заклучоци произлезени од анализата се:

  1. Постојат добро воспоставени механизми за комуникација со граѓанскиот сектор и јавноста, но отсуствува проактивност.
  2. Поддржувачката околина за учество на јавноста во подготовка на законите е незадоволителна.
  3. Отвореноста на процесите при подготовка на конкретни акти е оценета како недоволна.
  4. Одредени министерства се издвојуваат како предводници на позитивните практики во сите анализирани области.
  5. Само дел од сите предлог-закони објавени на јавен увид на ЕНЕР (41%) биле отворени за консултации од страна на јавноста.
  6. Минимални отстапувања има од законскиот рок за консултации предвиден во Деловникот за работа на Владата.
  7. Нерегистрирањето на промените на статуси од страна на службеници во министерства и недостапност на информацијата за датумот на менувањето на статусот на предлог-законот се значителен недостаток на ЕНЕР.
  8. ЕНЕР не е перципиран како алатка за вклучување во процесите на подготовка на законите од страна на засегнатите страни.
  9. Мнозинство од министерствата (60%) ги користат своите веб-страници за информирање и повикување на вклучување на јавноста во процесот на подготовка на предлог-закони на барем еден начин.

За сите заклучоци следат и препораки за подобрувања кои треба да придонесат кон зголемување на вклучување на јавноста во процесите на подготовка на закони.

Анализата е подготвена како дел од проектот „Огледало на Владата“ кој е финансиран од Европскиот инструмент за човековите права и демократијата (ЕИДХР) од Европската Унија.

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Анализа: Огледало на Владата 2012