| Повеќе од 80 граѓански организации им ја претставија работата на граѓаните на Фестивалот на Цивика мобилитас |
|
|
|
| Четврток, 08 октомври 2026 14:12 | |
|
Шестиот по ред Фестивал на Цивика мобилитас „Ден на граѓанските организации“ се одржа на 3 октомври 2026 година, од 11 до 15 часот, во Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната „Лотос“. Над 80 граѓански организации од целата земја пристигнаа за да им ги покажат своите активности и резултати на граѓаните. Програмата се одвиваше на главната бина, во пет шатори и во детското катче, а посетителите можеа да разговараат со организациите на штандовите.
„Овој Фестивал е прослава на граѓанскиот активизам и неговиот придонес за општеството и за граѓаните, и сакам да им се заблагодарам и да им искажам признание на организаторите“, рече амбасадорот на Швајцарија, НЕ Кристоф Сомер во своето обраќање до присутните. Амбасадорот потсети дека Швајцарија речиси 15 години ги поддржува организациите на граѓанското општество во Северна Македонија и нагласи дека демократските општества се под притисок, а дека организациите треба да се потпираат на веродостојни информации и да создаваат простор за добро втемелена дебата. „Ова е добар момент ние, како граѓани, да се потсетиме на клучната улога на активното и живо граѓанско општество за нашите демократии. Во тој дух, особено сум среќен што гледам сè поголем број посетители, граѓани заинтересирани за работата на организациите на граѓанското општество. Повторното поврзување на организациите со граѓаните, помагањето да ги консолидираат своите заедници и зголемувањето на довербата на граѓаните во организациите на граѓанското општество се важни цели на Цивика мобилитас и клучни предизвици во овие времиња“, рече Сомер.
Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, нагласи дека организациите своите постигнувања ги претставуваат токму пред оние за кои работат. „Затоа ги поканувам сите да ги посетат штандовите, да разговараат со организациите и да се уверат колку многу може да направи граѓанското општество кога е поврзано со граѓаните“.
Граѓанските организации, учесници на Фестивалот се потрудија да им ја приближат својата работа на граѓаните преку интересни и едноставни примери. Резимеа од активностите низ неколку теми, вклучувајќи и слики, може да најдете на е-платформата на Цивика мобилитас. Додека сите овие активности се случуваа, атмосферата ја засилуваа музичарите. Бендот The Ringtones, а потоа и DJ UX, Андреја Јовановски, заедно направија фестивалот да биде уште позабавен и да привлече повеќе од 1000 посетители кои дојдоа, се вклучија и се дружеа со граѓанските организации, активистите и воопшто луѓето од граѓанскиот сектор.
Веруваме дека придонесовме за подобро разбирање на улогата на граѓанските организации, се надеваме дека тоа ќе ги мотивира граѓаните да станат дел од активностите, заедно да го јакнеме граѓанскиот активизам и да се бориме за подобро општество за сите! Погледни галерија
|