Млади Македонци од дијаспората се поврзуваа со татковината |
![]() |
![]() |
![]() |
E hënë, 21 korrik 2025 13:03 | |
На 17 јули 2025 година, шест млади Македонци од дијаспората го завршија престојот во Македонија и учеството во тринеделната програма „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) 2025. Организирана од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), оваа програма секоја година им овозможува на младите чии корени се во Македонија да се поврзат со татковината преку стручни пракси, преку средби со различни општествени чинители, запознавајќи ја културата на земјата. На завршната свеченост која се одржа во Вајн Бери (Wine Berry) во Скопје, учесниците се осврнаа на своите искуства од деветтото издание на „Родум од Македонија“. „Моето време поминато во Македонија преку програмата е искуство што ќе го носам со себе засекогаш“, вели Лила Илиева Ноневски од САД. „Стекнав пријатели за цел живот и бев дел од извонредни авантури. Имав можност повторно да се поврзам со моето потекло, семејството и културата. Ќе ги паметам доцните разговори со шопска салата и пеењето во автомобил додека патувавме меѓу историските локалитети,“ рече таа. Викендите беа посветени на запознавање на културно наследство. На почетокот учесниците уживаа во запознавањето со Скопје. Тие го посетија кањонот Матка, црквата „Св. Пантелејмон“, Водно, Старата скопска чаршија и центарот на градот. Вториот викенд беа во Охрид, каде ги разгледаа културните знаменитости како што се црквата „Св. Софија“, Античкиот театар, „Св. Јован Канео“ и манастирот „Св. Наум“, пред да се разладат во прекрасното Охридско Езеро во с. Трпејца. Следниот ден заминаа за Битола, каде ја посетија познатата Саат-кула, црквата „Св. Димитрија“, прошетаа по Широк сокак и го разгледаа Музејот на Битола. Последниот викенд го минаа на традиционалната Галичка свадба. Во текот на работната недела, учесниците имаа „Среда надвор од канцеларија“, или пауза од нивните пракси за да се вклучат во други активности. Тие беа гости на Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во Собранието на Р.С. Македонија се сретнаа со пратеничката Марија Петрушевска, а го посетија и Министерството за надворешни работи, каде се сретнаа со Боро Мирчевски и Горан Ангелов од Агенцијата за иселеништво. Разговараа за зајакнување и подобрување на односите меѓу Македонија и дијаспората. Учесниците ги посетија и Музејот на македонската борба за самостојност, Меморијалниот центар на холокаустот, Археолошкиот музеј на Македонија, Музејот на македонските бегалци, како и гробот на Гоце Делчев. Оваа година, за првпат беа вклучени во општествено одговорни активности како што беше акцијата за чистење на отпадоци во Градскиот парк во Скопје. „Оваа програма се стреми да ги прикаже значајните историски настани од Македонија, но и да понуди внатрешен поглед во политичкиот систем,“ смета Кирил Гаџовски oд Канада. Тој додаде дека најмногу ќе го памети капењето во Трпејца за време на посетата на Охрид. На завршниот настан учествуваа претставници од компаниите каде учесниците ја извршуваа својата практична работа, Македонци од дијаспората, локални Македонци, тимот одговорен за програмата и други поддржувачи. Заедно го прославија успехот на учесниците од „Birthright Macedonia 2025“ и нивната продлабочена поврзаност со македонските корени. Ова е деветтиот по ред „Родум од Македонија“. Досега, преку програмата, повеќе од 60 млади луѓе од САД, Канада, Австралија, Велика Британија, Швајцарија, Босна и Херцеговина и Нов Зеланд имаа можност директно да се поврзат со своите корени и татковина. Секоја година, ОМД и МЦМС ги пречекуваат студенти од втора, трета, па дури и четврта генерација Македонци родени во дијаспората. За некои ова е прва посета на Македонија, а за други, прво доживување на земјата на нов, подлабок начин.
|