Започна седмиот „РОДУМ ОД МАКЕДОНИЈА“ (Birthright Macedonia) |
E hënë, 03 korrik 2023 13:15 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) на 30 јуни 2023 година го започнаа седмиот по ред „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), а 11 студенти од САД, Канада, Австралија и Босна и Херцеговина го започнаа својот тринеделен студиски престој во Македонија. Анамариа Поповска (Anamaria Popovska), Елена Пашариковски (Elena Pasharikovski), Џосеф Рајчевски (Joseph Rajcevski), Кристијан Стојановски (Kristijan Stojanovski), Самуил Ангелкоски (Samuil Angelkoski), Софиа Оуслис (Sofia Ouslis), Тери Вендерис (Terry Venderis), Викториа Поповска (Viktoria Popovska), Даниел Соломос (Daniel Solomos), Катерина Петровски (Katerina Petrovski) и Ена Налбантич (Ena Nalbantic) ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Праксата ќе ја обавуваат во Olive Jobs, Македонска информативна агенција – МИА, Адвокатскo друштво ДДК, BtoBet, Limitless Solutions, Four Twenty Two, M6 едукативен центар, Државен архив на Република Северна Македонија и Стопанска Комора на Северна Македонија. За време на нивиот престој, студентите ќе бидат сместени во интернатот на приватниот колеџ „Јахја Кемал“. Покрај редовната практична работа, за студентите секоја недела е предвидена „тематска среда“ каде ќе посетуваат културни институции, Собранието, и ќе одржат средби со бизнис и меѓународната заедница. За време на викендите студентите ќе го посетат Охрид, Битола и ќе присуствуваат на традиционалната Галичка свадба. Одбележувањето на почетокот на проектот се одржа во х. Солун во Скопје. На настанот беа присутни сите студенти, нивните ментори, а преку видео врска од Соединетите Американски Држави се вклучија и Питер Далас, идејниот творец на овој проект и Мето Колоски од ОМД. Главен говорник на формалната сесија беше д-р Јован Ласковски, ортопед од Охајо, САД и член на Одборот на ОМД. „Никогаш нема да ве направат среќни материјалните работи, тоа трае кратко. Вистинската среќа доаѓа од врските со семејството, пријателите и од спомените, а вие имате можност да креирате незаборавни спомени во наредните три недели“ им порача д-р. Ласковски на студентите. „Направете го ова искуство незаборавно, не ја заборавајте својата историја и најважно држете се заедно во оваа приказна“ – беше неговата клучна порака. Д-р Јован Ласковски е по потекло од Македонија. Тој дипломирал на Универзитетот во Акрон и Медицинскиот универзитет на североисточниот дел на Охајо (NEOUCOM). Членува во бројни професионални здруженија. Д-р Ласковски е член на Меѓународното здружение за артроскопија на колкот, како еден од двајцата хирурзи од Охајо и вкупно 26 од САД. Тој бил предавач на повеќе хируршки курсеви за артроскопска хирургија низ САД и Англија. „Родум од Македонија“ започна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Проектот беше ставен во мирување две години заради пандемијата предизвикана од Ковид-19, а продолжи да се спроведува во 2022 година. Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија ‘неверојатно искуство’ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва која се враќа во Македонија по иселувањето. Примарната цел на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтезивна соработка со дијаспората.
|