Односи со соседите - извештај од анкета на јавно мислење |
E shtunë, 28 dhjetor 2013 21:14 | |||
[Прес-соопштение] Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС) за прв пат го спроведоа истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“, кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции. Со ова соопштение ги објавуваме наодите од вториот дел на истражувањето, во кој се испитувани ставовите на граѓаните за односите на соседите со Македонија. Односите со соседите се важни за Македонија, според големо мнозинство (93,2 %) на граѓаните. Граѓаните ги оценуваат сегашните односи со соседите со 0,11 на скала од -5 до 5. Од петте соседи, граѓаните ја перципираат Србија (42,5 %) како најпријателски сосед, по која следи Албанија (18,5 %), додека најнепријателски сосед е Грција (81,2%), а секој петти граѓанин (22,8 %) мисли дека ниту еден сосед не е најпријателски за Македонија. Ставовите за Србија и Албанија како најпријателски сосед се разликуваат меѓу етничките Македонци и Албанци, а за Грција како најнепријателски сосед нема разлики по етничка припадност и партиско симпатизерство. Прашани посебно за секој сосед, граѓаните на Македонија ги имаат следните перцепции за пријателското или неутрално однесување: Србија (87,1 %), Албанија (71,3 %), Косово (64,4 %), Бугарија (53,4 %) и Грција (7,95 %). Во последните пет години најмногу се подобрени односите, според перцепциите на граѓаните, со Србија (20,6 %) и Албанија (19,6 %), а секој петти граѓанин (21,7 %) смета дека не се подобрени односите со ниту еден сосед. Најдобри лични искуства, најмногу ја познаваат историјата и културата и најдобро мислење етничките Македонци имаат за Србија, а етничките Албанци за Албанија. Етничките Македонци имаат најдобри лични искуства со Србија (52 %), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (51,9 %) и за неа имаат најдобро мислење (63,7 %). Етничките Албанци имаат најдобри лични искуства со Албанија (44,3 %), најмногу ја познаваат нејзината историја и култура (64,8 %) и имаат најдобро мислење за неа (71,9 %). Најмногу граѓани (39,3 %) сакаат еднакво добри односи со сите соседи, а потоа најблиски односи со Србија посакуваат 19,6 %, со Албанија 12,8 % и со Бугарија 8,9 % а најмалку со Грција (6,7 %). Преземи го извештајот од истражувањето. Испитувањето на јавното мислење направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември – 1 декември 2013 г на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници со +/- 3 % грешка. Анкетата ја спроведе М-проспект, чија одговорност беше и нејзината методолошка исправност.
|