Човековите права, мирот и демократијата се најважните вредности за македонскиот граѓанин |
E premte, 13 maj 2011 11:16 | |||
[Прес соопштение] МЦМС за прв пат го спроведе истражувањето „Македонски општествени вредности“, со цел да се испитаат ставовите на граѓаните за битните прашања кои влијаат на социокултурниот контекст. Анкетата на национален репрезентативен примерок од 1.066 испитаници ја спроведе агенцијата „Рејтинг“. Според одговорите на испитаниците, за нив лично пет најважни вредности се човекови права (15,6 %), мир/ ненасилство (15,4 %), демократија (13,3 %), владеење на правото (10,4 %) и почитување на човековиот живот (10,0 %). На дното на листата на вредности се наоѓаат: отчетност/ транспарентност (1 %), самореализација (1,6 %) и почит за другите култури (2,9 %). Меѓу етничките групи постојат мали разлики во мирот/ненасилството која е втора најзначајна вредност за етничките Македонци 17 %, а трета за етнички Албанци 11 %. Од друга страна за етничките Албанци се позначајни еднаквоста (9 %) и еднаквоста меѓу родовите (7 %), од етничките Македонци (6 %, односно 3 %). За граѓаните пет најважни вредности кои најдобро ја претставуваат Македонија се мир/ненасилство (12,6 %), демократија (10,5 %), почит за другите култури (9 %), толеранција (7,4 %) и човекови права (7,1 %). Вредности кои најмалку ја претставуваат Македонија се отчетност/транспарентност (2,1%) и самореализација (2,9 %). Може да се забележи слично рангирање на личните вредности и вредностите кои ја претставуваат Македонија, со неколку исклучоци. Првиот е за почитта за другите култури, која е на дното на лични вредности (12 место), а е во врвот на вредности кои ја претставуваат Македонија (3 место). Човековите права (1 место) и владеењето на правото (4) се значајни за граѓаните, но помалку ја претставуваат Македонија (5 односно 10 место). Постои приближна перцепција кои вредности најдобро ја претставуваат Македонија и ЕУ. Поголеми разлики во перцепциите се јавуваат во почит на другите култури (Македонија: 3 место, ЕУ: 11 место), како и во почитување на човековиот живот (ЕУ: 1 место, Македонија: 8 место). Најголем број граѓани сметаат дека пет најважни вредности, на кои треба да се научат децата дома се: добро однесување (87,8 % сметаат дека е важно детето да се научи на добро однесување), толеранција и почит за другите (62,5 %), трудољубивост (60 %), чувство за одговорност (56,0 %) и послушност (49,9 %). Вредности кои најмалку е важно детето да ги научи дома се имагинација (8,5 %) и независност (28,8 %). Етничките Македонци и етничките Албанци имаат слична перцепција за важноста што детето треба да научи дома. Најголема разлика се јавува во верата/религиозноста, која е поважна за околу 29 процентни поени за етничките Албанци. Поаѓајќи од тоа дека општествените вредности се основа за развојот на општеството, клучни за развојот на општествена кохезија, како и дека се битен дел од евроатланските интеграции, потребна е поширока општествена дебата за македонските општествени вредности. На пример, доколку корупцијата е долгогодишен врвен општествен проблем, дали е можно да се справиме со тој проблем доколку отчетноста/транспарентноста како вредност е на дното на важноста за граѓаните? Или втор пример, доколку Македонија има стратегија за развој на економски сектори кои се засновани на иновација (креативност), дали е можен таков развој ако имагинацијата е на дното на тоа што децата треба да се научат дома? Македонски општествени вредности
|