Човековите права, мирот и демократијата се најважните вредности за македонскиот граѓанин |
![]() |
![]() |
![]() |
Friday, 13 May 2011 11:16 | |||
Според одговорите на испитаниците, за нив лично пет најважни вредности се човекови права (15,6 %), мир/ ненасилство (15,4 %), демократија (13,3 %), владеење на правото (10,4 %) и почитување на човековиот живот (10,0 %). На дното на листата на вредности се наоѓаат: отчетност/ транспарентност (1 %), самореализација (1,6 %) и почит за другите култури (2,9 %). Меѓу етничките групи постојат мали разлики во мирот/ненасилството која е втора најзначајна вредност за етничките Македонци 17 %, а трета за етнички Албанци 11 %. Од друга страна за етничките Албанци се позначајни еднаквоста (9 %) и еднаквоста меѓу родовите (7 %), од етничките Македонци (6 %, односно 3 %). За граѓаните пет најважни вредности кои најдобро ја претставуваат Македонија се мир/ненасилство (12,6 %), демократија (10,5 %), почит за другите култури (9 %), толеранција (7,4 %) и човекови права (7,1 %). Вредности кои најмалку ја претставуваат Македонија се отчетност/транспарентност (2,1%) и самореализација (2,9 %). Може да се забележи слично рангирање на личните вредности и вредностите кои ја претставуваат Македонија, со неколку исклучоци. Првиот е за почитта за другите култури, која е на дното на лични вредности (12 место), а е во врвот на вредности кои ја претставуваат Македонија (3 место). Човековите права (1 место) и владеењето на правото (4) се значајни за граѓаните, но помалку ја претставуваат Македонија (5 односно 10 место). Постои приближна перцепција кои вредности најдобро ја претставуваат Македонија и ЕУ. Поголеми разлики во перцепциите се јавуваат во почит на другите култури (Македонија: 3 место, ЕУ: 11 место), како и во почитување на човековиот живот (ЕУ: 1 место, Македонија: 8 место). Најголем број граѓани сметаат дека пет најважни вредности, на кои треба да се научат децата дома се: добро однесување (87,8 % сметаат дека е важно детето да се научи на добро однесување), толеранција и почит за другите (62,5 %), трудољубивост (60 %), чувство за одговорност (56,0 %) и послушност (49,9 %). Вредности кои најмалку е важно детето да ги научи дома се имагинација (8,5 %) и независност (28,8 %). Етничките Македонци и етничките Албанци имаат слична перцепција за важноста што детето треба да научи дома. Најголема разлика се јавува во верата/религиозноста, која е поважна за околу 29 процентни поени за етничките Албанци. Поаѓајќи од тоа дека општествените вредности се основа за развојот на општеството, клучни за развојот на општествена кохезија, како и дека се битен дел од евроатланските интеграции, потребна е поширока општествена дебата за македонските општествени вредности. На пример, доколку корупцијата е долгогодишен врвен општествен проблем, дали е можно да се справиме со тој проблем доколку отчетноста/транспарентноста како вредност е на дното на важноста за граѓаните? Или втор пример, доколку Македонија има стратегија за развој на економски сектори кои се засновани на иновација (креативност), дали е можен таков развој ако имагинацијата е на дното на тоа што децата треба да се научат дома? Македонски општествени вредности
|