Граѓанските организации се за остварување на интересите на граѓаните |
Tuesday, 09 December 2008 16:49 | |||
[Прес соопштение] Истражувањето за довербата во граѓанското општество покажа дека општата доверба во граѓанските организации е 41,7%. Мнозинство од граѓаните веруваат дека граѓанските организации се за остварување на интересите на граѓаните и можност нивното мислење и дејствување да допре до јавноста. Во ова соопштение ви го презентираме четвртиот и петтиот дел од истражувачкиот извештај кој се однесува на довербата во граѓанските организации. Ставовите дека граѓанските организации се средство со кое вешти поединци доаѓаат до пари и влијание и/или им служат само на интересите на странски држави и на нивните фондации се во малцинство. Во споредба со 2007 има вкупна позитивна промена од 13,5%. Испитаниците се изјасниле дека граѓанските организации се злоупотребени (81,8%) од политичките партии или од нивните лидери, што е значително зголемување (околу 10 %) во однос на минатата година. Сепак, мало малцинство (околу 25 %) од нив можеле да наведат конкретна граѓанска организација зад која сметаат дека стои политичка партија (во сите поединечни случаи, тој процент е незначителен - помал од 5,1 %). Ова може да говори за стереотип за поврзаноста меѓу политичките партии и граѓанските организации, кој не е поткрепен со конкретни аргументи. Мнозинство граѓани (56,1%) знаат успешни граѓански организации, а споредено со претходно знаат и повеќе за организации кои работат во конкретни области. Познавањето на граѓанските организации е подобрено во сите испитувани области во споредба со 2007 година. Граѓаните имаа најмногу доверба во секторите: лица со посебни потреби (65,5%), деца, млади и студенти (65,2%) и жени и родови прашања (61%). Познавањето на организациите кои работат на борба против сиромаштијата е 54,6% и е подобро во однос на другите испитувани области (граѓанско општество, борба против корупција и развој на мали и средни претпријатија). Образованието, возраста и економскиот статус имаат влијание врз познавањето на граѓанските организации. Лицата со повисоко образование, помладите, вработените во јавниот сектор и учениците и студентите се подобри познавачи на граѓански организации. Јавноста има позитивно мислење за граѓанските организации иако има помалку доверба во нивните лидери. Односот на позитивно/негативно мислење за граѓанските организации е во благо опаѓање во однос на претходната година (од 4,4 на 3,5). Граѓанските организации на трибина ги дискутираа наодите и заклучоците од ова истражување. Тие сметаат дека граѓаните недоволно го познаваат граѓанскиот сектор и дека недостасува поголема видливост на резултатите што ги постигнуваат. Прв дел од истражувачкиот извештај
|