Граѓаните не ги знаат своите права во случај на дискриминација |
Tuesday, 15 September 2009 09:52 | |||
[Прес соопштение] МЦМС го спроведе истражувањето наречено Барометар за еднакви можности. Истражувањето е дел од програмата Прогрес на Европската комисија што заедно со МЦМС ја спроведуваат и Полио плус, Центарот за човекови права и разрешување конфликти и Министерството за труд и социјална политика. Во ова соопштение ви презентираме дел од истражувачкиот извештај што се однесува на борбата против дискриминацијата, познавањето на правата и ставовите кон еднаквите можности при вработувањето. Борба против дискриминацијата Граѓаните на Република Македонија се поделени во однос на тоа дали во земјата се вложуваат напори за прашањето за борба против дискриминацијата. Сепак, бројот на оние што сметаат дека напорите се вистински е скоро двојно помал од оние што негираат присуство на какви било напори во борбата против дискриминацијата. Највпечатливата разлика меѓу граѓаните на земјите на ЕУ и испитаниците од Македонија е во тоа што скоро двојно е помал бројот на испитаниците од европските земји кои исклучуваат постоење на какви било напори во борбата против дискриминацијата. Повеќето од оние што мислат дека дискриминацијата е честа појава во земјата тврдат и дека не се преземаат доволно мерки во борбата против неа. Оние што се изјасниле дека имаат искуство во каков било облик на дискриминација, ги доживуваат атидискриминациските мерки како незадоволителни. Познавање на правата Повеќе од половината од граѓаните на Република Македонија не ги знаат своите права во случај да се жртва на дискриминација. Испитаниците што биле дискриминирани не се посвесни за своите права. Може да се зборува за благо зголемено ниво на свесност кај оние што биле жртви по повеќе основи, но за другите може да се заклучи дека непознавањето на правата ги прави поподложни жртви на дискриминација. Став кон еднакви можности при вработување Според мислењето на граѓаните на Република Македонија, партиската припадност на кандидатот за вработување е факторот од кој најмногу зависи неговото/нејзиното вработување. Потоа следуваат возраста и етничката припадност. Граѓаните се главно подготвени да поддржат мерки од типот на посебни програми за обука или квоти, чија цел е да обезбедат еднакви можности при вработување. Исклучок има кога се работи за сексуалната ориентација на кандидатите. За споредба, јавноста во земјите на ЕУ е далеку поподготвена да прифати мерки што ќе обезбедат еднакви можности за вработување. Поголемиот дел од граѓаните ги поддржуваат мерките чија цел е да се обезбедат можности на работно место по основа на етничка припадност. Анкетата е направена од страна на Центарот за човекови права и разрешување конфликти, во соработка со Брима од Скопје на примерок од 1.606 испитаници. Истражувани се перцепциите, ставовите, познавањата и свесноста за дискриминација по следните основи: пол, етничка припадност, религија или уверување, возраст, инвалидност (односно попреченост во развојот), сексуална ориентација и партиска припадност. Автор на извештајот е проф. д-р Виолета Петроска-Бешка.
|