Корисна алатка за меѓуиселеничката комуникација |
Thursday, 17 December 2009 14:47 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка денес (17 декември 2009 година) го промовираше првиот Адресар на организациите на иселениците од Македонија. Извештајот го промовираше Александар Кржаловски, извршен директор на МЦМС, а гостин на промоцијата беше Методија Колоски, претседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД). „МЦМС реши своето долгогодишно искуство во подготовка на адресари да го испроба во една, за нас, сосема нова област, иселеништвото“, рече меѓу другото на промоцијата Кржаловски. „Задоволни сме од овој прв потфат но, во исто време и свесни дека Адресарот има само основни контакт информации за организациите на иселениците и дека во иднина треба да се надградува. Очекуваме ова да биде предизвик и за организациите кои се и оние кои не се дел од ова прво издание, па заедно во иднина да направиме Адресар кој ќе има повеќе информации за самите организации и нивните активности“, додаде тој. „Задоволни сме што добивме едно вакво издание“, рече на промоцијата Методија Колоски. „На дијаспората и требаат вакви информации за да и ја олеснат меѓусебната комуникација, а секако и за подобра комуникација на организациите и граѓаните од Македонија со организациите на иселениците“, додаде Колоски. Издавачите на Адресарот имаа за цел да го подобрат информирањето и соработка на иселениците, како и на македонската јавност и другите актери за работата на организациите и активностите на дијаспората. Адресарот вклучи 584 организации на иселениците од 25 земји во светот. Најголем број организации има во Австралија (191), а потоа од Швајцарија (68), САД (66), Германија (65) и Канада (51)
|