| Превенцијата како заедничка одговорност: локално лидерство за побезбедни заедници |
|
|
|
| Tuesday, 31 March 2026 17:47 | |
|
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во соработка со Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ) на 26 марти 2026 година организираше координативен состанок на тема „Заедно за побезбедни заедници: локално лидерство и национална координација“, на кој учествуваа 36 претставници од национални институции, локални самоуправи од осум општини со кои работи конзорциумот на МЦМС, како и претставници на граѓански организации. Настанот беше посветен на унапредување на соработката меѓу централното и локалното ниво, размена на искуства и отворање на клучните прашања поврзани со превенцијата, раното препознавање и справувањето со радикализацијата и насилниот екстремизам. Во воведното обраќања, националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, Павле Трајанов, го нагласи прашањето: како постигнатото да не остане во извештаи, туку да стане реална пракса. Тој информираше дека новиот национален патоказ, подготвен со учество на 22 институции кој опфаќа околу 70 проекти, влегува во фаза на финализација и институционално усвојување. Но, неговата вистинска вредност, како што нагласи, ќе зависи од две работи – реална имплементација и обезбедени ресурси. За Трајанов, и покрај постојната поддршка од меѓународни партнери, вклучително и ГЦЕРФ, останува предизвикот како системски да се зајакнат капацитетите за новите безбедносни ризици како што е финансирањето и онлајн радикализацијата. Тој ја потенцираше и недоволната координација меѓу централното и локалното ниво, која, според него, не е само технички проблем, туку суштинска пречка. Оттука и потребата за појасни механизми, вклучително и локални фокусни точки, преку кои одговорноста нема да се „разлева“, туку ќе биде конкретно лоцирана. Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, ја истакна улогата на МЦМС како посредник кој ги поврзува локалните реалности со пошироките политики. Во изминатите пет години, како што посочи, организацијата дејствува преку координација на граѓански организации и поддршка на општините, со цел да се тестираат пристапи, да се пополнат институционалните празнини и да се пренесат меѓународни искуства во национален и локален контекст, со цел државата постепено да ги презема тие функции во целост или да обезбедува одржлива поддршка таму каде што е потребна. Тој потенцираше дека токму општините се местото каде што најрано се забележуваат ризиците, но и каде што превенцијата има најголем ефект. Жаклина Просароска, експерт за безбедносни прашања, во своето излагање понуди јасна и структурирана рамка за разбирање на превенцијата на насилен екстремизам и радикализација. Нејзината почетна позиција беше дека превенцијата е основа на секое сериозно безбедносно делување, нагласувајќи дека ниту една полициска активност не треба да започне од репресија, туку од превенција. Во таа смисла, таа предупреди дека безбедносните политики не смеат да се сведат на реакција, туку мора да се темелат на проактивен и одржлив институционален пристап. Таа го објасни концептот на три нивоа на превенција и го посочи образованието како клучен механизам за рано препознавање на ризиците, при што говорот на омраза се јавува како еден од првите индикатори. Истовремено, предупреди дека радикализацијата сè повеќе се префрла во дигиталниот простор, каде што влијанието е подлабоко, а контролата посложена. Паралелно, таа се осврна и на функционирањето на Локалните совети за превенција (ЛСП), истакнувајќи дека нивната вредност не лежи во формалното постоење, туку во нивната способност навремено и отворено да ги адресираат „жешките прашања“ во заедницата и да преземаат заедничка одговорност. Во своето излагање, Бобан Стојановски, експерт за безбедност и контратероризам, ја внесе перспективата од терен. Неговата основна теза беше дека радикализацијата не се појавува како единствен модел, туку како процес што се прилагодува на локалниот контекст. Тој се осврна на конкретните појавни облици на радикализација во различни локални средини, нагласувајќи дека ниту една заедница не е имуна и дека радикализацијата се манифестира различно во зависност од специфичните услови и динамики во заедниците, што ја прави унифицираната реакција недоволна. Во таа насока, Стојановски посочи дека радикализацијата во земјава има свои корени уште од средината на 90-тите години, а нејзините современи форми се пософистицирани и сè повеќе дигитализирани, со значително присуство на онлајн радикализација Тој нагласи дека злоупотребата и погрешното толкување на религијата претставуваат еден од главните механизми преку кои се шири радикалната идеологија, подвлекувајќи ја потребата од јасно разграничување помеѓу верата и нејзината идеолошка инструментализација. Стојановски укажа дека различни општини се соочуваат со различни облици на ризик – од присуство на повратници од конфликтни зони, особено од Сирија и Ирак и неформални верски објекти, до влијанија што се шират преку социјални мрежи или трансфер на радикални идеи од странство. Дел од лицата се радикализираат надвор од државата и се враќаат во локалниот контекст, што укажува дека радикализацијата не е исклучиво домашен процес. Оттука, Балканот не е само „извозник“, туку на одреден начин и „увозник“ на радикализирани влијанија. Осврнувајќи се на повратниците и радикализираните лица кои излегуваат од затворскиот систем, Стојановски истакна дека државата и заедниците ќе треба сè повеќе да се подготвуваат за работа со различни категории лица – не само со оние кои биле во кризни региони, туку и со лица кои се обиделе да заминат, давале логистичка и финансиска поддршка или делувале како пропагатори. Затоа, нагласи тој, процесот на рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација не смее да се третира формално, туку како сериозен и долгорочен безбедносен и општествен процес. Дискусијата што следеше ја зајакна оваа слика. Учесниците укажаа дека радикализацијата не може да се разбере изолирано од поширокиот социјален контекст – економските и социјалните фактори често создаваат подлога за нејзино појавување. Истовремено, беше нагласено дека локалните самоуправи се соочуваат со ограничени надлежности и ресурси, што ја отежнува нивната улога во превенцијата. Особено внимание беше посветено на образовниот систем, каде што беа истакнати предизвици поврзани со раното препознавање на ризиците, ограничената видливост врз движењето и однесувањето на учениците и влијанијата што се одвиваат надвор од формалната настава. Во таа насока, учесниците ја потенцираа потребата од зајакнување на наставниот кадар, стручните служби и локалната координација. Она што јасно произлезе од дискусијата е дека превенцијата не е задача на една институција, туку процес што бара заедничко дејствување. Настанот заврши со заедничко разбирање дека без појасна комуникација, поделена одговорност и координиран пристап, ниту една стратегија нема да има вистински ефект — како предуслов за градење поотпорни, поинклузивни и побезбедни заедници. Настанот е дел од програмата „Рехабилитација за отпорност: патот напред“ што ја поддржува Глобалниот фонд за ангажман и отпорност на заедниците (ГЦЕРФ).
|