Светски ден на граѓанските организации: каква е состојбата во Македонија? - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Светски ден на граѓанските организации: каква е состојбата во Македонија? PDF Print E-mail
Friday, 27 February 2026 15:04

Денес, 27 февруари, го одбележуваме Светскиот ден на граѓанските организации, официјално промовиран во 2014 година во Хелсинки, Финска со поддршка на Организацијата на обединетите нации и Европската Унија. 

svetski den na go

Ова е еден од начините да оддадеме признание на оние кои ги води јавниот интерес, заедничкото добро, кои ги носат општествените промени и кои застапуваат за правата на граѓаните.

Во македонското општество тоа го прават 7.258 активни граѓански организации. Бројката секогаш е придружена со дилема, дали се многу или малку? Но, додека постои потреба граѓаните да се здружат за да ги бранат своите права и интереси и да придонесуваат за добробитта на делови или на целото општество, дилемата не е суштинска.

Со оваа статија, посветена на Светскиот ден на ГО, правиме кратка анализа на граѓанските организации, за да разбереме подобро каква е динамиката во тој дел од граѓанското општество на Македонија и информирано да дискутираме и носиме одлуки за неговиот развој, улога, потребите и сл.

За погоре спомнатата бројка од 7.258 активни граѓански организации треба да се знае дека не ги вклучува спортските здруженија кои ги има 2.230 активни. Инаку, вкупниот број регистрирани ГО е 16.634, а од нив 57% се активни. Стапката на активност е речиси идентична и кај спортските (57,9%) и кај другите ГО (56,8%), односно, типот на организацијата не влијае значајно на „преживувањето“ на организациите.  

Колегите од граѓанскиот сектор се свесни за регионалната застапеност, или распространетост на ГО. Најголем број од нив се регистрирани во Скопскиот плански регион, а најмалку во Североисточниот.

Регион

Број на активни ГО

%

На 10.000 жители

Скопски

3.168

43,6%

52,2

Пелагониски

858

11,8%

40,8

Југозападен

703

9,7%

39,6

Полошки

655

9,0%

26,0

Југоисточен

534

7,4%

36,0

Вардарски

492

6,8%

35,5

Источен

441

6,1%

29,4

Североисточен

407

5,6%

26,6

На национално ниво, Македонија има 39,5 активни граѓански организации на 10.000 жители (без вклучени спортски организации) но, разликите по региони се драматични па така, Скопскиот има двојно повеќе организации на 10.000 жители од Полошкиот. А Полошкиот регион, со 13,7% од населението, учествува само со 9% во вкупниот број активни организации. Ова може да се смета за голем „дефицит" на граѓанското општество во густо населен регион.

Гледано по општини, првите пет места, според бројот на активни ГО се за: Центар (1.070), Карпош (583), Битола (461), Аеродром (431) и Тетово (315). На другиот крај на оската, или петте општини со најмалку активни организации се: Зелениково (2), Центар Жупа (3), Пласница (4), Чешиново-Облешево (4), Росоман (5). Сите 80 општини имаат барем по една активна организација.

Најголем раст на ГО во последните пет години (2020 – 2025) наспроти периодот 2015-2019 бележат Југоисточен (+179%), Североисточен (+124%) и Вардарски (+122%), додека Скопскиот регион расте „најбавно" (+55%) - што може да биде позитивен знак на децентрализација на граѓанскиот активизам.

Најбрзорастечки категории, во периодите спомнати погоре укажуваат на јасна промена кон теми поврзани со дигитална трансформација, ментално здравје и младинско учество. Растот кај младинските организации е најголем (+200%), потоа следуваат ИТ/дигитално/иновации (+123%), социјална заштита (+116%) и здравство/ментално здравје (+108%). Инаку, во последните 10 години се основани 1.475 нови организации (без спортски здруженија). Бројките растат: од 65 годишно во 2015 до приближно 180 во 2024-2025.

Кратка анализа која е базирана на имињата на организациите покажува дека во последните 10 години (2015-2025), во Скопскиот регион доминирале темите: демократија/граѓанско општество, бизнис, култура. Во Пелагонискиот и Југозападниот регион преовладувале култура/уметност, бизнис, а во Југоисточниот, Вардарскиот и Источен доминирала темата посветена на демократијата и правата. Во Полошкиот регион се балансирани темите култура, демократија и бизнис.

Споредбата на 955 активни организации основани од 2020 наваму (споредено со 520 од 2015–2019) покажува неколку јасни поместувања. Растечки теми гледаме кај младинските организации и тоа најсилен раст, од 4,0% на 6,3%. Особено видливо од 2022 наваму, со имиња кои зборуваат за активизам, интеграција, младинско учество. Тоа може да кореспондира со зголемените ЕУ фондови за младински иницијативи. Овој тренд го следат и организациите за социјална заштита / хуманитарни - од 9,6% на 11,3%. Посебно растат организации насочени кон лица со попреченост, инклузија, и деца со посебни потреби. Потоа следуваат организациите кои работат со деца / детски права, од 1,3% на 2,4%, со забрзување во 2025 (5%). Доминираат организации за рана интервенција, логопедија, развој, и поддршка на деца без родители. Противпожарните доброволни друштва практично не постоеле пред 2019, а сега се регистрираат по 1-2 годишно низ цела земја (Битола, Охрид, Кавадарци, Виница, Радовиш). Ова е директна последица на серијата катастрофални шумски пожари. ИТ / дигитално / иновации имаат умерен раст (од 2,7% на 3,2%), но со нагло забрзување во 2024-2025 (5-6%). Имињата рефлектираат дигитална трансформација, иновациски хабови, платформи. Организациите кои работат на едукација имаат стабилно висок раст што ја прави најконзистентната „нова" тема.

Од друга страна, опаѓачките теми се гледаат во екологијата / одржливоста каде падот е најголем, од 9,4% на 5,8%. Иако апсолутниот број расте (49→55), растот не го следи вкупното темпо на основање. Еколошкиот „бум" од 2015–2019 се стабилизирал.

Темите поврзани со демократија / права / транспарентност исто така опаѓаат од 5,6% на 3,0%. Организациите за демократски процеси, антикорупција и граѓански слободи имаат помал удел меѓу новооснованите. Ова не значи дека темата е помалку важна бидејќи постоечките организации се веќе етаблирани. Темите насочени кон наука / истражување паднале од 4,6% на 3,0% како и оние насочени кон бизнис / претприемништво (од 3,1% на 2,4%). За овој тип организации има веројатност дека се преселуваат кон приватниот сектор

(за да бидат споредливи, бројките се нормализирани на 100 организации).

Големина и „возраст“ на активните организации

Гледано од перспектива на број на вработени, граѓанските организации се најчесто микро или мали. Односно, 72,8% се микро, 27,2% мали, и само 4 организации се средни. Ниту една не е категоризирана како голема.

Со оглед дека датумот на основање е достапен за 37,7% од организациите, односно за вкупно 2.736 активни ГО без спортските организации, просечната возраст е 11,9 години, а медијаната е 9 години. Најстарата активна организација е основата во 1944 година. По возрасни групи: најголем дел (19%) се организации од 6 до 10 години, а речиси рамномерно се распределени во останатите категории. Само 4,5% имаат повеќе од 30 години, односно,  „ветераните" се ретки.

Стапката на активност варира значително по дејност. Организациите кои работат на тема образование имаат најголема стапка на преживување (80,9%), а по нив следуваат оние поврзани со медиуми/издаваштво (84%) и стручните услуги (75,4%). На другата страна, социјалната заштита има најниска стапка, 40,6% од организациите во оваа дејност се сè уште активни. Генеричните здруженија (дејности на организации врз база на зачленување) се на 55,9%, што е под просекот, веројатно затоа што лесно се основаат, но тешко се одржуваат.

Возрасниот профил открива интересни разлики. Секторот социјална заштита е сектор на подолготрајни организации, 79% од активните организации имаат повеќе од 20 години, а само 12% се основани во последните 5 години. Слично е и со уметноста (46% се 20+ години). Ова е добро во однос на стабилноста на организациите, но неосновањето нови организации во оваа област може да биде проблем кога станува збор за надоместувањето на оние што стануваат неактивни. Од другата страна, кај спортско-рекреативните организации, 60% се помлади од 10 години.

Во поглед на стапката на неактивност по региони, разликите се умерени, но постојат: Источниот регион има највисока стапка на неактивност (48,7%), а Полошкиот најниска (40,2%). Разликата од приближно 8 процентни поени сугерира дека организациите во источниот дел на земјата имаат потешкотии со одржливоста.

Кога станува збор за неактивните организации (5.523 без спортските организации) најмногу „загуби" има меѓу оние основани во периодот 2006–2014, со пик во 2012 (129 неактивни). Ова укажува на висока стапка на згаснување кај организации стари помеѓу 10 и 15 година од основањето. Неактивните организации во социјалната заштита и уметноста имаат просечна возраст од 22-23 години што значи дека згаснуваат по подолго време. Спортско-рекреативните стануваат неактивни многу побрзо, просечно по само 10 години. Генеричните здруженија се на средина (приближно 14 години).

Податоците покажуваат дека граѓанското општество во Македонија не е статичен систем, туку жив организам кој реагира на општествените предизвици – од младинско учество и ментално здравје, до дигитална трансформација и доброволни иницијативи.

Нивниот број, распределба и тематска ориентација ни кажуваат не само каде сме, туку и каде се движи општеството. За да останат двигател на позитивни промени, потребна е системска поддршка, стабилност и рамномерни можности за развој низ сите региони.

gragjanskite organizacii vo makedonija sostojba

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Светски ден на граѓанските организации: каква е состојбата во Македонија?