(Не)видливиот противник: Родово базираното насилство во македонскиот спорт - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

(Не)видливиот противник: Родово базираното насилство во македонскиот спорт PDF Print E-mail
Friday, 27 February 2026 10:22

МЦМС ја објави новата анализа „Родово базирано насилство врз жените во спортот во Северна Македонија“ подготвена како резултат на сериозниот недостаток на систематизирани податоци, ограничената институционална подготвеност за справување со родово базирано насилство во спортот. 

grafikon 5 res

Податоците од анкетата со спортистките укажуваат дека вознемирувањето и насилството се распространета појава во организираниот спорт, при што само мал дел од испитаничките (10,4%) сметаат дека овие појави не постојат во спортот, додека за најголемиот дел тие се ретки или чести. Анкетата со спортските федерации покажува дека значителен дел од нив немаат воспоставено основни политики и механизми за заштита од вознемирување и насилство.

Повеќе од половина федерации (56%) немаат усвоено официјална политика, протокол или кодекс на однесување за „безбеден спорт“ кој опфаќа и превенција и постапување при вознемирување или насилство врз спортисти/ки, а само 28% имаат воспоставен механизам за заштита и пријавување, а кај уште толку механизмот е во подготовка. Според интервјуата, психолошкото насилство е најчесто препознаено, но интервјуираните укажуваат и на случаи на сексуално вознемирување и насилство. Овие појави се вградени во изразените хиерархиски односи и организациска култура која ги нормализира навредите, притисокот и недоличното однесување, а недостигот од женско лидерство дополнително го засилува чувството на ранливост кај спортистките.

grafikon 4 res

Врз основа на наодите, анализата предлага сет на препораки насочени кон спортските организации и креаторите на политики, со цел воспоставување системски и одржлив пристап кон превенција и справување со родово базираното насилство во спортот. Препораките се фокусираат на јакнење на капацитетите и свесноста, воспоставување јасни и доверливи механизми за заштита и пријавување, усогласување на спортската регулатива со националните и меѓународните стандарди, како и обезбедување институционална отчетност, мониторинг и систематско собирање податоци. Нивното спроведување е клучно за создавање побезбедна, поинклузивна и родово одговорна спортска средина.

rodovo mkРодовото базирано насилство во спортот е феномен кој иако е глобално присутен, е значително слабо документиран, пред сè поради специфичниот контекст на спортот, односно хиерархиските структури, нормализација на машка доминација и културата на молк, па оттука и најчесто останува невидлив, неказнет и длабоко трауматизирачки за жртвите. И покрај зголемената глобална свест за насилството врз жените, спортските институции се навидум исклучок од тој тренд, со ограничена транспарентност, слаба отчетност и отсуство на ефективни механизми за превенција и заштита.

Во Северна Македонија, позицијата на жените во спортот е под значаен предизвик поради недостатокот на официјални податоци, отсуството на посебни протоколи за постапување при насилство во спортот и недоволната застапеност на жените во управувачките структури на спортските организации. Токму затоа сакавме да ги истражиме искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот во Северна Македонија и нивото на свесност кај спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита.

Преземи ја анализата на македонски или на англиски јазик.

Оваа анализа се подготво во рамки на проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“, кој е имплементиран од Олимпискиот коимитет на Северна Македонија во соработка со МЦМС, Спорт Социал Солушн и Параолимписки комитет. Проектот е ко-финансиран од Европската Унија.

 
Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News (Не)видливиот противник: Родово базираното насилство во македонскиот спорт