Верските лидери потпишаа Декларација против насилен екстремизам |
![]() |
![]() |
![]() |
Tuesday, 13 May 2025 13:38 | |
Ние, потписниците на оваа Декларација, „го осудуваме насилниот екстремизам и сите облици на насилство, без оглед на нивниот извор, облик или мотив. Верата е повик на мир, а не на омраза; на дијалог, а не на осуда.“ Ова е дел од Декларацијата на верските лидери во Република Северна Македонија против насилен екстремизам што ја потпишаа неговото блаженство г.г. Стефан – Архиепископ на Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА); Шаќир еф. Фетаху – Реис-ул-улема на Исламска верска заедница (ИВЗ) во Република Северна Македонија; Монсињор д-р Киро Стојанов Бискуп скопскиот и скопско-струмички епарх; Пепо Леви, Претседател на Еврејска заедница во Република Северна Македонија; Марјан Димов – Суперинтендент на Евангелско-методистичка црква (ЕМЦ) во Република Северна Македонија, како и Оливера Трајковска – Директорка на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) и Александар Кржаловски, директор на МЦМС. „Сведоци сме на нови феномени во општеството на кои треба да одговориме“, рече Трајковска пред потпишувањето на Декларацијата. „Верските лидери се клучни фактори во општеството и сметаме дека можат да направат исчекор во борбата против насилниот екстремизам“, додаде таа објаснувајќи го мотивот за потпишувањето. „Верските заедници заедно со институциите и граѓанскиот сектор можат успешно да одговорат на овој опасен предизвик за нашето општество“ истакна таа. Со Декларацијата, потписниците се обврзаа да придонесуваат за зајакнување на отпорноста на заедниците – особено кај младите и ранливите групи, да соработуваат со сите општествени чинители – институции, граѓански организации, образовни установи и медиуми – во напорите за превенирање и спречување насилен екстремизам (П/СНЕ) и да работат против секоја злоупотреба на верата за политички, идеолошки или насилни цели кои се спротивни на нејзината суштина и длабоко ја нарушуваат меѓусебната доверба, мирот и кохезијата во нашето општество. Верските заедници се меѓу клучните чинители во превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам. Нивното присуство во заедниците, активностите со граѓаните/верниците, довербата која граѓаните ја имаат во нив можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина и успешно спротивставување на овој феномен. Имајќи го ова предвид Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи (КОВЗРГ) ја иницираа оваа Декларација која беше потпишана на 13 мај 2025 година во Клубот на пратеници во Скопје. „Со оваа декларација ја потврдуваме нашата заложба за општество засновано на достоинство, дијалог и меѓусебна почит, и ја изразуваме подготвеноста за понатамошна меѓуверска соработка во градењето на општество отпорно на омраза, поделби и влијанија што го нарушуваат соживотот – за сите граѓани, во заедничка борба против насилниот екстремизам“, се вели на крајот на овој документ. Настанот е дел од проектот „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“.
|