Четири настани, една заедничка порака – граѓанското општество двигател на општествени промени - Macedonian Center for International Cooperation

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Четири настани, една заедничка порака – граѓанското општество двигател на општествени промени PDF Print E-mail
Sunday, 01 March 2026 14:19

На 27 февруари, по повод Меѓународниот ден на невладините организации, Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) организираше четири паралелни настани во различни градови низ државата, обединувајќи граѓански организации, млади, активисти и претставници на локалната власт околу заедничката цел – јакнење на граѓанското општество како двигател на позитивни општествени промени.

viber image 2026 03 03 10 30 35 368 e1772624485508

ГРЦ Скопје: Обука за развивање проектни идеи по пристапот на логичка рамка

Во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје се одржа обука на тема „Развивање проектни идеи по пристапот на логичка рамка“, со цел јакнење на капацитетите на граѓанските организации за креирање јасни, одржливи и добро структуирани проектни идеи засновани на реални потреби.

Учесниците работеа на анализа на проблеми и изработка на дијаграм на проблеми; анализа на цели и избор на стратегии за интервенција, анализа на засегнати страни како и развивање логичка рамка и логика на интервенција. Преку практична групна работа и дискусии, тие ги поврзаа проектните идеи со пошироки општествени промени и ги разгледаа ризиците и претпоставките во имплементацијата. Во однос на практичната применливост на стекнатото знаење, Сањица Милошевска Даневска од Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје сподели: „Одлучив да учествувам на оваа обука затоа што сакам да ги унапредам моите вештини за развивање квалитетни и одржливи проектни идеи. Верувам дека стекнатото знаење ќе ми овозможи посигурно да аплицираме на повици и поефикасно да придонесам кон развојот на заедницата.“

Обуката исто така придонесе за проширување на знаењата за систематско планирање на проектите и подобро разбирање на причинско-последичните врски меѓу проблемите, целите и резултатите, што е клучно за развој на ефективни интервенции.

Со денешната обука ги проширив знаењата во врска со проектни идеи по пристап на логичка рамка. Воедно е позитивно вмрежувањето со присутните лица од другите организации и здруженија,“ посочи Јован Дамјаноски од НВО Преродба Кичево.

dsc 0070 945x630 MCMS

РЦ Штип: Информативен ден за млади – „Вклучи се, направи промена!“

Во Ресурсниот центар Штип се одржа информативен ден за младите под мотото „Вклучи се, направи промена!“, кој собра околу 60 деца и млади. Настанот беше организиран низ три сесии и понуди практични информации за улогата на граѓанските организации и можностите за активно учество.

Младите дискутираа за функционирањето на граѓанските организации, формирање здруженија и нивниот придонес, волонтирање, активизам и покренување иницијативи.

Преку симулација на состанок на замислена организација, тие предлагаа решенија за конкретни предизвици – од недостаток на средства во училиштата до безбедноста во заедницата и влијанието на вештачката интелигенција врз природните ресурси.

Евгенија Донева од Здружението Адмелиора Штип сподели: „Настанот беше исклучително корисен и инспиративен, со јасни и практични информации за улогата на граѓанскиот сектор и можностите за вклучување на младите преку волонтирање и активизам. Особено ја ценам отворената дискусија и директната комуникација со претставниците на граѓанските организации, кои преку сопствени искуства ја истакнаа важноста од активното граѓанско учество. Верувам дека ваквите настани имаат значајна улога во мотивирањето на младите да бидат двигатели на позитивни општествени промени.“

j.debata 27.02 980x735 MCMS

РЦ Гостивар: Јавна дебата „Улогата на граѓанските организации во развојот на заедницата“

Ресурсниот центар во Гостивар го одбележа Меѓународниот ден на невладините организации со јавна дебата на која присуствуваа околу 20 долгогодишни активисти од регионот.

Присутните најпрво се осврнаа околу почетоците на невладиниот сектор во нашата држава, ги споделија своите искуства од тој период и предизвиците со кои се соочувале, а потоа направија паралела со предизвиците со кои се соочуваат и денес. Дискусијата се движеше околу тоа што е постигнато, а на што сеуште треба многу да се работи. Присутните беа согласни дека на граѓанските организации им е потреба поддршка, а како предлози и идеи произлезе следново: да се иницираат меѓусекторски платформи со бизнис заедницата, малите локални организации да добиваат финансиска поддршка од државата и да се креираат локални коалиции за застапување на локално ниво.

Рената Нацковска Смилкоска, претставник од Центарот за млади и заедницата изјави: ,,Речиси сите се бориме со исти предизвици, затоа заедно можеме да постигнеме повеќе”.

,,Оваа дебата беше рефлекција на преизвиците што ги имаме како граќански сектор, на позитивните достигнувања како и солидарниста која е потребна за да се надминат потешкотиите” истакна Лорик Идризи од БИРЦ Институт од Тетово.

viber image 2026 02 27 14 36 02 457 da 980x735 MCMS

Посета на Мобилниот ресурсен центар во Демир Хисар

Регионалните експерти на ГРЦ за Полошкиот и Југозападниот плански регион спроведоа посета на Мобилниот ресурсен центар во општина Демир Хисар. Покрај локални граѓански организации на средбата присуствуваа и претставници на општинската администрација, како и млади активисти и волонтери на општинската организација на Црвен Крст Демир Хисар.

Присутните беа информирани за актуелните случувања на национално ниво, можностите за финансирање и менторска поддршка како и услугите што ги нуди проектот “ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”.

Добивме детални информации за работата на ГРЦ, за можностите кои ги нуди за информирање и вмрежување на граѓанските организации. Разговаравме за предизвиците на граѓанските организации на локално ниво преку отворена дискусија. Договоривме и некои идни заеднички активности кои ќе бидат во интерес на заедницата во која живееме. Мислам дека достојно го одбележавме Светскиот ден на невладините организации“ – изјави Зоран Стевановски општинска организација на Црвен Крст на Демир Хисар.

На средбата се запознавме со можноста која ја нуди ГРЦ за менторска поддршка за унапредување на нашата работа и развој на нашето здружение. Мојата порака е: шетајте ги планините, да не ги шетате аптеките“ - изјави Пецо Деспотовски претставник на Планинарското друштво Бигла од Демир Хисар.

Со овие четири паралелни настани, Граѓанскиот ресурсен центар ја потврди својата посветеност кон јакнење на капацитетите, вмрежувањето и поддршката на граѓанските организации и младите низ целата држава. Присутните ја истакнаа важноста на силно, активно и влијателно граѓанско општество како глас на граѓаните и двигател на напредок, кое ги препознава потребите на заедниците, иницира конкретни решенија и придонесува кон подобрување на квалитетот на живот.

Проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ е финансиран од Европската Унија, а го спроведуваат Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар и Медиа Плус – Штип.


Related:

 

Google translate

Follow Us

RSSTwitterFacebookYouTubeScribd

Се наоѓаш тука  : Home News & Publicity News Четири настани, една заедничка порака – граѓанското општество двигател на општествени промени