Градење институционална отпорност: Ефективни механизми за справување со корупцијата |
![]() |
![]() |
![]() |
Tuesday, 15 April 2025 14:02 | |
Денес на 15 март 2025г. Македонскиот центар за меѓународна соработка во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа -(СЕЛДИ), ја организираше Средбата на високо ниво - „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“. Во воведните обраќања Александар Кржаловски, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, истакна дека СЕЛДИ од своето основање пред 25 години прерасна во еден од водечките гласови на граѓанското општество во земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата. И покрај зајакнатите демократски капацитети, националните механизми за борба против корупција остануваат случајни, краткорочни и политички мотивирани. Заменик шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Бен Непнау нагласи дека се потребни длабоки и системски општествени промени со конкретни цели, чекори и временска рамка за напредок. „Корупцијата е политички проблем и бара политички решенија и тоа на високо ниво во рамките на институциите“, додаде тој. Во рамки на клучната дискусија со фокус на борбата против корупцијата во земјите од Западен Балкан, осврнувајќи се на можните трендови и решенија Заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, посочи дека корупцијата не е само административен туку и општествен проблем, а последните четири трагедии во изминатите години, каде стотици граѓани ги изгубија животите, е пример за последиците од истата. Тој воедно истакна дека новата Влада нема повеќе да толерира изговори и продолжување на статус квото и неодговорното однесување. „Нашата цел е фокусирање на Европската агенда, и имплементирање на реформите за ресетирање на системот за доброто на граѓаните. Во време на неизвесност и војна и со помалку финансиски средства за поддршка во борбата со корупцијата мораме заеднички уште повеќе да се посветиме на изнаоѓање на решенија кои ќе го победат корумпираниот систем и одговорат на предизвиците“, додаде тој. Воедно, на панел дискусијата учествуваа и Н.Е Вероник Улман, Амбасадорката на Швајцарија, Никол Варнес, Заменик шефот на мисијата на амбасадата на САД и Барт де Брујин, Регионалниот координатор за владеење на правото од Кралството на Холандија во Србија и Црна Гора. Говорниците ги споделија нивните согледувања за актуелните предизвици и постигнувања во регионот во справувањето со корупцијата и влијанието на повлекувањето на странската помош врз антикорупциските напори. Средбата опфати и две панел дискусии каде се дискутираше за поддршката на доброто владеење и економската стабилност преку ефективни механизми за справување со корупцијата, каде збор земаа Д-р. Тихомира Костова, Аналитичар од Институт за изучување на демократијата од Бугарија, Д-р. Слаѓана Тасева, Декан и Извршен директор на Меѓународната академија за анти-корупција и Марина Ковачиќ, Лидер на компонентата за справување со нелегални текови во Западен Балкан, во рамки на ГИЗ во Северна Македонија. Понатаму, во втората панел сесија се зборуваше за градењето на институционална отпорност во справување со нелегални финансиски текови и заробеноста на државите. Во оваа сесија говорници беа Миша Поповиќ, Раководител на одделот за добро владеење при Инстиутот за Демократија „Социетас Цивилис“, Билјана Каракашова Шулев, член на Државната комисија за спречување на корупција, Даниела Минева, Виша аналитичарка при Институт за изучување на демократијата од Бугарија и Хендрик Бошмаер, проектен менаџер за Југоисточна Европа, во одделот за глобални односи и соработка на ОЕЦД. Воедно беа презентирани резултатите од последниот Регионален анти-корупциски извештај на СЕЛДИ за Западен Балкан, кои говорат за нерамномерниот напредок и застојот на реформите во државите кои остануваат површни и подложни на надворешно влијание. Истовремено корупцијата, клиентелизмот и политичкото влијание врз институциите продолжуваат да го поткопуваат владеењето на правото и пристапот до правда. Средбата се организираше во рамки на проектот Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет), финансиран од Европската Унија. Настанот е кофинансиран со средства од Централната Европска Иницијатива.
|