Преку обука за истражувачко новинарство, СЕЛДИ ги зајакнува капацитетите на граѓанските организации од регионот |
![]() |
![]() |
![]() |
Tuesday, 01 July 2025 13:29 | |||
На 24 јуни 2025 година, тимот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) организираше онлајн обука за претставници на граѓански организации од регионот, фокусирана на техники на истражувачко новинарство и анализа на позначајни случаи на корупција во регионот. Обуката е дел од напорите на СЕЛДИ за зајакнување на капацитетите на граѓанските организации добитници од СЕЛДИ Програмата за мали грантови. Учесници на обуката беа добитниците на грантови, како и други организации од регионот кои учествуваа на повикот за Програмата. Обуката беше спроведена од претставници на Центар за мониторинг и истражување, Организација за демократија, антикорупција и достоинство - ЧОХУ, партнерска организација на СЕЛДИ од Косово. Бесник Болетини, истражувачки новинар во ЧОХУ/Препортр, и Алтин Адеми, извршен директор на ЧОХУ, како обучувачи ја споделија својата експертиза стекната од нивното долгогодишно искуство во оваа област. Учесниците се запознаа со методи за истражување на политичка патронажа и финансирање на политички партии, односно начини за како да се идентификуваат шеми на влијание и злоупотреба на јавни средства. За практичен осврт, обучувчите презентираа примери од истраги во секторите за животна средина и земјоделие во Косово, како што е случајот со индустриското загадување од Фероникели и неправилностите при доделување на земјоделски субвенции. Проблемите во здравствениот сектор беа илустрирани преку случајот со шверц на цитостатици, покажувајќи како истражувачите користеле прикриени посети, следење на баркодови и фармацевтски записи за да откријат сериозни пропусти во надзорот. Со главна цел стекнување на вештини за истражување, учесниците беа запознаени со различни дигитални алатки и ресурси за спроведување онлајн истраги, вклучувајќи платформи за истражување компании, верификација на фотографии и пристап до архивирана интернет-содржина. Обучувачите дадоа и насоки за истраги преку социјални мрежи и пристапување до финансиски и податоци за лобирање од платформи на Европската Унија. Обуката заврши со преглед на неколку високопрофилни случаи на корупција од целиот регион и дискусија меѓу учесниците за заедничките предизвици и дејствувања во иднина. Видеото од обуката одржана е достапно на ОВОЈ ЛИНК, додека презентацијата може да се превземе на ОВОЈ ЛИНК. Обуката е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“
|