Одржани обуки за апликанти на Програмата за мали грантови на СЕЛДИ |
Wednesday, 06 November 2024 12:07 | |||
Тимот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) организираше обуки за подготовка на целосни проектни апликации и за подготовка на проектни буџети за организациите кои беа селектирани и поканети да достават целосна апликација на регионалниот Повик за предлог проекти за Програмата за мали грантови на СЕЛДИ „Финансиска поддршка за грасрут и младински граѓански организации кои ги вклучуваат граѓаните“. Целта на обуките беше да се поддржат граѓанските организации во подготовката на силни проектни предлози и зајакнување на нивните капацитети не само за овој повик, туку и за идни професионални подвизи. Обуките се одржаа на 24 и 29 октомври 2024 година на платформата ЗООМ, а учествуваа повеќе од 60 претставници на организациите селектирани во оваа фаза. На обуките учесниците имаа можност да дознаат повеќе за фазите на проектен циклус, разработување на проектни идеи, дефинирање на логика на интервенција и индикатори, како и совети за пишување на добри предлог проекти. На обуката учесниците можеа да добијат и конкретни инструкции како да се пополни форматот за целосна апликација за конкретниот повик. Обуките беа интерактивни, со можност за работа во групи и работа на конкретни примери. Учесниците на обуките имаа можност да поставуваат прашања и да се вклучат во дискусии поврзани со темите на обуката. Обуките ги водеше Сунчица Саздовска, експерт за проектен менаџмент. Видеото од обуката одржана на 24 октомври е достапно на ОВОЈ ЛИНК, додека видео од обуката од 29 октомври е достапна на ОВОЈ ЛИНК. На 31 октомври Јасмина Ристовска, координаторка на програмата Регионална мрежа за антикорупција, одржа обука за подготовка на предлог буџети. На обуката учествуваа 27 преставници, кои можеа да добијат информации и инструкции за општите принципи на договорите за грантови финансирани од Европската Унија, правилата дефинирано со Упатството за апликанти за Програмата за мали грантови на СЕЛДИ, како и појаснувања за структурата на буџетот и неговите компоненти. Дополнително на обуката се споделија и детални насоки и примери како правилно да се подготви буџетот и сите негови делови. Видеото од обуката одржана на 31 октомври е достапно на ОВОЈ ЛИНК, додека презентацијата може да се превземе на ОВОЈ ЛИНК. Повикот за предлог проекти беше објавен на 17 јуни, а крајниот рок за поднесување на концепти беше 1 август 2024 година, 16.00 часот по средноевропско време (ЦЕТ). Во дадениот рок пристигнаа 74 концепти од организации од регионот, а по спроведеното оценување од страна на комисијата за оценка, 43 предлози беа првично селектирани и организациите беа поканети да достават целосни апликации најдоцна до 15 ноември 2024 година, 16.00 часот по средноевропско време (ЦЕТ). Учеството на организациите во овие обуки на никаков начин нема да влијае на процесот на евалуација на целосните апликации. МЦМС ја организираше обуката во име на Мрежата за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ). Согласно правилата на повикот, организациите имаа можност да достават прашања за оваа фаза во повикот најдоцна до 1 ноември 2024. Преземи ги одговорите на прашањата пристигнати во предвидениот рок. Програмата за мали грантови на СЕЛДИ има за цел да го зајакне придонесот на граѓанските организации од целните земји во борбата против корупцијата и нивното вклучување во циклусот на застапување и влијание на политиките на СЕЛДИ, преку финансиска поддршка на граѓанските организации, вклучувајќи и грасрут и младинските организации, активни против корупцијата. Програмата е дел од проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, финансиран од Европската Унија.
|