Постигнувањата ги исцртуваат идните патеки во СНЕ и РРР |
Friday, 28 June 2024 18:45 | |||
„Македонското општество треба постојано да ја зајакнува отпорноста на насилниот екстремизам и тероризмот, а за тоа е потребна соработка и координација на сите засегнати страни, и тоа не само на национално ниво туку и пошироко, затоа што овие феномени не застануваат на националните граници“, рече Златко Апостолоски, Националниот координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам (НКСНЕБТ) во своето воведно обраќање на регионалниот форум „Постигнувањата ги исцртуваат идните патеки во СНЕ и РРР“. На форумот што го организираше Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 27 и 28 јуни 2024 година во Скопје зборуваа претставници на институциите и на граѓанските организации од Северна Македонија, Косово и Албанија. За придобивките од психосоцијалната поддршка на странските терористички борци повратници и членовите на нивните семејства зборуваа Мерал Мусли Тајроска, психолог и претседателка на Плеиадес, Северна Македонија Лорена Чела психолог од општина Тирана и Мехмет Дуришти, специјалист за ментално здравје од Тер де Хом (Terre des Homes) од Албанија. „Потребна е поддршка и емпатија кон лицата со кои работиме. Таа создава доверба што потоа го олеснува процесот на психолошко советување и овозможува подобри резултати за корисникот“, рече Мусли Тајроска. Зборувајќи за децата и адолесцентите со кои работел, Дуришти рече дека дел од нив сега се вработени, „тоа не би било можно без претходна психо-социјална поддршка“, истакна тој и додаде дека потребите на корисниците се менуваат со нивната возраст и затоа е потребно да се прават нови проценки. Што се однесува на жените повратнички, еден од предизвиците е вработувањето. „Некои од проблемите од религиска природа, особено типот на работа и локацијата, но исто така и должината на работното време затоа што се самохрани мајки кои треба да се грижат за нивните многудетни семејства“, рече Лорена Чела. Сите тројца се согласија дека процесите на ресоцијализација, рахабилитација и реинтеграција се долготрајни, но психолошките советувања даваат резултати. Осврнувајќи се на економското зајакнување како предуслов за РРР, Ребека Кена од Фондот за развој на заедницата од Косово истакна дека „економската терапија“ придонела за подобрување на психолошката состојба на жените, а им помогнала и за подобрување на комуникацијата со децата. „Економското зајакнување не е само средство за постигнување на целта, туку трансформативен процес кој го враќа достоинството, негува независност и негува издржливост меѓу оние кои ги издржале најтешките неволји“, рече Синди Шаху од Линијата за поддршка на жени и деца од Албанија. Таа ги сподели добрите пракси од програмата „Креирање на иднината“ преку која жените повратнички научиле да произведуваат сапуни од своите домови, со цел да ги продаваат локално и онлајн. За искуствата од Македонија зборуваше Флорент Бајрами од Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) кој се осврна на потребата од прилагодување на пристапот, должината на процесот и одржливоста. Улогата на работниците од првата линија е клучна во СНЕ и РРР. Градењето на нивните капацитети беше дел од ангажманот на граѓанските организации. Тие вклучија обуки, координација, подготовка на ресурсни материјали итн. „Прирачниците кои ги подготвивме се користат од стручните лица“, рече Армела Џахо од Институтот за демократија и медијација од Албанија. На работата со Локалните мултидисциплинарни тимови (ЛМТ) во Македонија се осврна Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници. „Некои од предизвиците со кои се соочуваат овие структури се континуитетот во соработката, промените во тимовите, но и принципот на доброволност во работењето со корисниците. За соработката и координацијата зборуваа координаторите за насилен екстремизам и борба против тероризам на Северна Македонија, Косово и Албанија. Тие истакнаа дека и покрај постигнувањата, предизвиците не престануваат. Државите мора да продолжат со спроведување на ефикасни мерки за спречување на насилниот екстремизам и одговорно да се справуваат со онлајн радикализацијата и социо-економските услови кои можат да придонесат за раст на екстремизмот. Според Апостолоски, во следниот период, Северна Македонија треба да го сврти вниманието на подготовката на локалните власти за справување со насилниот екстремизам и подобра координација на локалната со централната власт. Тој смета дека треба да се работи и на одржливоста на она што до сега е направено преку одвојување на средства од Владата. Менсур Хоти, директор на Одделение за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи (МВР) од Косово зборувајќи за соработката со граѓанските организации рече дека со декласификација им овозможиле да ги имаат информациите кои им се потребни во процесот на работа со повратниците. Тие исто така бараат поголем ангажман и од Исламската верска заедница. Според Хоти, следниот предизвик ќе биде работата со и во училиштата. За Лејди Дервиши, Национален координатор и извршен директор на Националниот координативен центар за спречување насилен екстремизам од Албанија, холистичките методи и овозможуваат на земјата да спроведува успешни програми за реинтеграција на повратниците. Од името на граѓанските организации зборуваа Фортеса Франгу од Ресурсниот центар за застапување и обука од Косово и Албана Изети од Тер де Хом од Албанија. Тие се осврнаа на долгиот процес и се заложија за подобра институционална меморија како и за реплицирање на добрите пракси на други типови екстремизам. Проф. д-р Алириза Арнлиу, директор на Институтот за психологија на Универзитетот во Приштина „Хасан Приштина“ во Косово со присутните сподели резултати од истражувањето „Од Сирија до дома“: Сеопфатна анализа на 5Р и менталното здравје на повратниците во Косово“. Според него, вклученоста во обуки или економски активности позитивно влијае на процесот на ресоцијализација, но сепак овие луѓе продолжуваат да се соочуваат со депресија и ПТСД. „Важно е да се има флексибилен пристап според потребите на повратниците и да се продолжи со нудење психолошка поддршка на децата и нивните семејства“, истакна тој. Дискусиите и размената на искуства покажаа дека многу работи се прават, но и понатаму има потреба од постојано усовршување на стратегиите и програмите за да се одговори на потребите на повратниците и нивните семејства. Учесниците се согласија дека нудењето на услуги е важен аспект, но потсетија дека мониторингот и внимателното следење на процесите се критични за успешно управување со таа категорија на граѓани. „Рано е да се извлечат дефинитивни заклучоци, но потребно е постојано набљудување и оценка на ефикасноста на програмите за реинтеграција“, рече Веса Кељменди, регионален советник на ГЦЕРФ. Според неа, земјите од Западен Балкан стануваат пример за другите земји во Европа со нивните добри практики. Излагањата на говорниците и дискусиите на учесниците беа насочени кон прашањата и предизвиците кои се и ќе бидат важни за работата на институциите, граѓанските организации и сите други засегнати страни во спречувањето и борбата против насилниот екстремизам во регионот. Top of FormРегионалниот форум е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“ кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со Нексус – граѓански концепт, Иницијатива за европска перспектива (ИЕП), Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“ и Здружението за граѓански активизам и охрабрување на општествената одговорност „Хоризон Цивитас“.
|