Започна осмиот „РОДУМ ОД МАКЕДОНИЈА“ (Birthright Macedonia) |
Friday, 28 June 2024 17:00 | |||
Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Обединетата македонска дијаспора (ОМД) на 28 јуни 2024 година го започнаа осмиот по ред „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), овозможувајќи им на 4 студенти од Канада и Нов Зеланд незаборавен тринеделен студиски престој во Македонија.
Покрај редовната практична работа, за студентите секоја недела е предвидена „тематска среда“ каде ќе посетуваат културни институции, Собранието, и ќе одржат средби со бизнис и меѓународната заедница. За време на викендите студентите ќе го посетат Охрид и ќе присуствуваат на традиционалната Галичка свадба. „Родум од Македонија“ започна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Проектот беше ставен во мирување две години заради пандемијата предизвикана од Ковид-19, а продолжи да се спроведува во 2022 година.Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија „неверојатно искуство“ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва која се враќа во Македонија по иселувањето. Примарната цел на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтезивна соработка со дијаспората.
|