Започна деветтото издание на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) |
![]() |
![]() |
![]() |
Friday, 27 June 2025 10:00 | |
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 27 јуни 2025 година го започнаа деветтиот по ред „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia), овозможувајќи им на шест студенти од САД, Канада и Кралството Данска тринеделен студиски и културен престој во Македонија. Емили Абрамзик (Emily Rose Abramczyk), Мара Куне (Mara Alexandra Kuhne), Лила Ноневски (Liliana Ilieva Nonevski), Изабела Атанасовска (Isabella Atanasova), Софија Ларсен (Sofia Larsen) и Кирил Гаџовски (Kiril Gadzovski) ќе бидат на студиски престој кој е комплементарен на нивните академски цели, на нивната кариера или на нивните општи интереси. Тие ќе бидат ангажирани во компании и институции како Алкалоид АД Скопје, ЕВН, Адвокатската канцеларија Бошњаковски и Грозданов, Диамонд Резиденс и ОМД. Во рамките на програмата, секоја среда е резервирана за „тематски средби“, при што студентите ќе посетуваат културни установи, Собранието, и ќе одржат средба со Претседателката на Македонија, со претставници од бизнис-секторот и меѓународната заедница. За време на викендите студентите ќе го посетат Охрид, Битола и ќе писуствуваат на традиционалната Галичка свадба. Настанот по повод отворањето на програмата се одржа во кафе-барот Амона, на кој изразуваме искрена благодарност за прекрасната атмосфера. На настанот присуствуваа сите учесници и дел од нивните ментори. „Родум од Македонија“ започна во 2015 година и се организираше во континуитет до 2019 година. Проектот беше ставен во мирување две години заради пандемијата предизвикана од Ковид-19, а продолжи да се спроведува во 2022 година. Дел од учесниците од претходните години го нарекоа престојот во Македонија „неверојатно искуство“ што треба да го има секој млад човек со потекло од Македонија. Дел од нив беа трета генерација родена надвор од Македонија, а прва која се враќа во Македонија по иселувањето. Примарната цел на „Родум од Македонија“ (Birthright Macedonia) е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија. Покрај тоа, ваквите активности можат да ја зајакнат довербата и да придонесат кон поинтезивна соработка со дијаспората.
|