ДКСК и граѓанските организации заеднички да застанат на браникот на јавниот интерес |
Tuesday, 26 February 2019 00:00 | |||
Вчера (25.2.2019г.) се одржа првата средба меѓу новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Платформата на граѓански организации за борба против корупција, на која се дискутираа идеи за соработка и синергија во кои со здружени сили можат поефикасно да се борат против корупцијата.
Една од главните точки на дискусија се однесуваше на недоволните капацитети на ДКСК за сами да прибираат информации, за што бараат поддршка од здруженијата да придонесат со нивните истражувања, анализи и укажувања. Претставниците на граѓанските организации потенцираа дека меѓусебната соработка која постои помеѓу нив може да придонесе кон подобрување на капацитетите кај ДКСК во насока кон поефикасна борба против корупцијата. Се посочи дека, ДКСК треба да гледа партнер кај граѓанските организации кои вршат постојан мониторинг на процесите кои влијаат на намалување на корупцијата. Организациите ја истакнаа потребата од вклучување на јавноста во процесот на пријавување нерегуларности бидејќи тоа е клучен начин за градење на довербата. Овој процес би требало да биде едноставен за граѓаните и решен преку функционална онлајн алатка. Од друга страна, ДКСК е потребно навремено, транспарентно и инклузивно да даде повратна информација на оние кои пријавиле, со цел да поттикне и понатамошно користење на алатката. Од Платформата укажаа дека случаите на непотизам имаат за цел да ја дефокусираат ДКСК од тежиштето, а тоа е борбата против високата корупција. Сите беа согласни дека големите случаи на корупција треба да бидат први на приоритетната листа. „Ако нема процесирање на она што ќе го откриете, довербата кон вас само ќе паѓа. Оваа година треба да покренете покрупни случаи. На секоја седница која ја имате треба да имате по едно крупно решение“, истакнаа претставниците на Платформата. Се истакна дека е потребно ДКСК да направи План на работа кој нема да биде краткорочен и ќе се однесува само на претстојните претседателски избори. Ова, како што се посочи, е од значење за да се знае динамиката со која ДКСК ќе работи и нејзини приоритети. Едно од главните предупредувања беше големата веројатност дека ДКСК ќе биде опструирана од страна на институциите, како и од политичките партии и од власта и од опозицијата, односно дека оваа Комисија нема друг сојузник освен јавноста. Од страна на претставниците на ДКСК беше истакнато дека преземаат мерки во секој сегмент и веќе имаат активни предмети, вклучително и оние кои во изминатиот период не биле процесирани поради нефункционалност на ДКСК. Потенцираа дека ќе работат на база на приоритетни случаи. Членовите на ДКСК изразија благодарност за отвореноста, добронамерните критики и конструктивните забелешки кои беа изнесени на оваа средба. Свесни се дека е потребно да држат чекор со граѓанските организации заради побрзо процесирање на случаите, бидејќи во спротивно ќе бидат обележани како поддржувачи на власта, што беше случај и досега. Тие најавија функционална анализа до лето каде ќе ги искажат нивните потреби, а ќе направат и нова систематизација.
|