Пресметките на излезноста го доведуваат во прашање цензусот на референдумот |
![]() |
![]() |
![]() |
Thursday, 06 September 2018 12:57 | |||
Вкупно 57,8% од испитаниците рекле дека ќе излезат на претстојниот Референдум за решавање на спорот со името, од нив, 70,8% рекле дека ќе гласаат „за“ на референдумското прашање – ова го покажа најновото истражување на МЦМС и Телевизија Телма „Референдум 2018 – ставови на јавноста за решавање на спорот со името“ во чиј фокус беа прашањата за излезност, поддршка на прашањето и причини за тоа. Процентот на оние што нема да излезат на гласање е 28,8% и меѓу нив, најбројни се оние што рекле дека ќе го бојкотираат (59,2%), а 27% рекле дека не ги интересира. Како главна причина за поддршка на рефередумот која ја навеле испитаниците е тоа дека договорот ќе помогне за влез на државата во ЕУ и во НАТО (62,3% од нив, односно 25,5% од сите испитаници). Дополнителни 26,7% од нив (односно 10,9% од целата популација) сметаат дека договорот е добро решение за долгогодишниот спор. Најчестите причини за гласање „против“ кај испитаниците кои ќе излезат на гласање, што е вкупно 8,6% од сите испитаници, се дека со договорот се менува идентитетот на Македонците и дека со него се нанесува штета на државните интереси.
Од друга страна, мнозинство од испитаниците (50,7%) не се согласуваат со изјавата дека „постапката во Собранието за спроведување на договорот треба да продолжи без оглед на исходот на референдумот“. Нема мнозинска поддршка за три прашања па така, 48,0% се согласуваат дека договорот им штети на државните интереси, додека 40,5% не се согласуваат и, 42,2% се согласуваат дека Македонија не може да добие подобар договор со Грција во иднина додека 40,0% не се согласуваат. Вкупно 46,3% не се согласуваат со изјавата дека треба да се следи волјата на мнозинството граѓани што ќе гласаат, без оглед колку граѓани ќе излезат да гласаат, дури и ако се помалку од 50%, за разлика од 43,0% кои се согласуваат. За МЦМС и Телма, анкетата ја спроведе М-проспект. Во анализата на податоците учествуваше и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје. Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 7 до 25 август 2018 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Истражувањето е дел од проектот „Топ тема на ваша страна“, што го поддржа УСАИД.
|