Граѓанските новинари – Гласот на општеството |
Thursday, 22 February 2018 15:02 | |||
Нови 15 претставници на граѓански организации и активисти се стекнаа со знаења и практични вештини од областа на граѓанското новинарство. Со тоа, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма успешно обучија 83-ца граѓани кои ќе станат гласот на нивните заедници. Програмата беше сочинета од теоретски и практичен дел за пишување на новинарски стории, фото и видео новинарство и етиката во граѓанското новинарство. Исто така, се дискутираше за социјалните медиуми како канали на комуникација и блогирањето како можност за правење општествена промена. Обучувачи беа Боби Христов од Телевизија Телма, Томислав Георгиев, професионален фотограф, Гонце Јаковлеска, Борис Ристовски и Фанија Ивановска од МЦМС. Тие се задоволни што учесниците активно ја следеа обуката, поставуваа многу прашања и покренаа продуктивни дискусии. „Како дел од Перципио, сега можам да придонесам за подобро пишување новинарски стории и објави на самата организација, но и да им помогнам на другите членови за тоа како треба структурно да изгледа една фотографија или текст“, задоволно сподели со нас Никола Михајловски, еден од учесниците. МЦМС организираше пет вакви обуки за граѓанско новинарство. Тие беа од регионален карактер и се одржаа во Скопје, Битола, Штип, Струмица и последната во Охрид. Ова беше една од активностите планирани со проектот „Топ тема на ваша страна“, што МЦМС го спроведува заедно со Телевизија Телма. Проектот е финансиран од УСАИД.
|