Дали знаеме какви општествени промени предизвикуваме? |
Wednesday, 21 February 2018 16:51 | |||
„Вие доаѓате од различни организации и допирате до комплетно различни целни групи. На различен начин зборувате за вашата организација со пријател, со донатор или со претставник на владина институција.“ Со ова, Сајмон Форестер, меѓународниот експерт на Цивика мобилитас, ја започна денешната работилница (21.2.2018) „Мерење и комуницирање на општествената промена која ја предизвикувате“. На работилницата учествуваа 16 претставици на институционални и акциски грантисти на Цивика мобилитас. Институционалните корисници на грантови најчесто се соочуваат со пречки за ефективно да ги претстават своите постигнувања, бидејќи ваквите грантови се однесуваат на внатрешното јакнење на нивните организации. Покрај Форестер, Душко Тодороски, од Асоцијацијата Зенит, и Гонце Јаковлеска, од Македонскиот центар за меѓународна соработка, ги фацилитираа денешните сесии. Во текот на работилницата беа претставени „Синџирот на резултати“, мерните показатели, а се дискутираше и за важноста од ефективната комуникација за граѓанските организации. Исто така, се споделија позитивни примери на граѓански организации од Македонија и од странство, кои знаат на импресивен начин да ги споделат податоците од своите проекти и кампањи. Практичниот дел се состоеше од индивидуални и групни вежби во кои учесниците можеа наученото да го применат на примерот на организацијата од која доаѓаат. Тие се согласија дека понекогаш премногу се посветуваат на работата од својот проект, а не обрнуваат доволно внимание на презентирање на направеното во јавноста. Според нив, ова е резултат на недостиг на човечки ресурси кои би се бавеле со комуникација.
|