Ре-активирање на „Огледало на Владата“ |
Friday, 23 February 2018 16:20 | |||
Учествуваат ли граѓаните и граѓанските организации во процесите на подготовка на законите? МЦМС ги објави резултатите од следењето на консултациите со јавноста за законите објавени на Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР) за јануари 2018 година. Според извештајот, во текот на јануари, на седница на Владата биле утврдени пет предлог-закони и тие биле објавени на ЕНЕР. За сите нив е испочитуван минималниот рок за консултации. Но, иако се веќе утврдени на седница на Влада кај ниту еден од нив не е објавен конечниот текст на предлог-законот, што значи, сите се уште имаат статус „Отворен“. Законите кои беа ставени на ЕНЕР за консултации со јавноста се: Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на укажувачи и Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител предложени од Министерството за правда, Законот за лековите и медицинските средства предложен од Министерството за здравство, Закон за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование предложен од Министерството за образование и наука и Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција предложен од Министерството за култура. Овие активности, познати под името „Огледало на Владата“, МЦМС ги започна во 2012 г., а по пауза од речиси една и пол година, повторно почна да ги подготвува месечните извештаи во ноември 2017 година. Консултациите на ЕНЕР треба да придонесат кон зголемено учество на граѓаните во тие процеси, а преку следењето, МЦМС го оценува вклучување на граѓанските организации и јавноста во раната фаза на подготовка на закони. Резултатите од следењето на ЕНЕР ќе бидат објавувани во неделни и месечни прегледи. Со објавите на социјалните медиуми прегледите ќе послужат за информирање на јавноста за предлог законите кои ги подготвува Владата и ресорните министерства. Mесечните прегледи пак имаат за цел да укажат на почитување односно отстапување од обврската која ја имаат органите на државната управа (пред се министерствата) предлозите за донесување закон и предлозите на закони, освен законите кои се донесуваат по итна постапка, задолжително да ги објават на ЕНЕР. Во месечните прегледи ќе биде вклучен и осврт на еден предлог закон кој сметаме дека се од значење за секојдневното работење на граѓански организации. Месечни прегледи за ноември и декември 2017 година и месечниот преглед за јануари 2018 г. се достапни на веб страната на Огледало на Владата http://www.ogledalonavladata.mk/.
|