Волонтирањето како можност за учење и стекнување нови пријателства |
Tuesday, 16 January 2018 16:41 | |||
Настасија Штерјова, дипломирана на отсекот политички науки и Мартин Николовски, магистар во областа на деловното право, изминативе четири месеци волонтираа во Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Тие имаа можност практично да го надополнат своето теоретско знаење од студиите, да видат како изгледа и активно да бидат вклучени во работата на една граѓанска организација. Изминатиот период главно беа фокусирани на следењето на локалните избори во рамки на проектот „Мојот избор“ и анализираа голем број податоци за кандидатите за градоначалници и за членови на советите. „За време на моето волонтирање во МЦМС ја надоградив мојата организациска етика, ажурност, деловната комуникација, како и работата на повеќе задачи истовремено“, рече Мартин. Настасија, меѓу другото, како придобивка го издвои начинот на кој функционира една одлична граѓанска организација, особено нејзината внатрешната култура и процедурите. По завршувањето на локалните избори, двајцата беа вклучени во логистичка и административна поддршка на другите проекти во организацијата. „Едно од искуствата кое вреди да се спомне е учеството на форумот за „Соработка помеѓу новата Влада и граѓанскиот сектор во Македонија“, кој се одржа во рамки на програмата Цивика мобилитас. Таму имав можност да се запознаам со преку 150 претставници на граѓанскиот сектор кои ми помогнаа подобро да го разберам граѓанското општество,“- рече Мартин. На идните волонтери Настасија им препорача да го искористат нивниот престој во МЦМС за да се вклучат во што повеќе активности и да ги искористат сите можности кои им се нудат бидејќи истите се добра основа за градење на кариера. „Сепак, најголема вредност за мене има дружењето со прекрасниот тим на МЦМС и градењето нови пријателства“, додаде таа. МЦМС ја спроведува програмата за волонтерство од 2008 година, а преку неа, до сега биле поддржани вкупно 85 волонтери. Организацијата се гордее што може да им помогне на студентите во развојот на нивните вештини преку работа во рамки на проектите, како и да ја подигне свеста кај нив за важноста сите ние да бидеме активни членови на граѓанскиот сектор.
|