Ниска заинтересираност за волонтирање во Пробиштип |
Friday, 07 June 2019 00:00 | |||
Недостатокот на простор и на обучен персонал во граѓанските организации се главните потешкотии со кои се соочуваат здруженијата од Пробиштип, како што беше истакнато за време на средбата на Мобилниот ресурсен центар која се одржа на 30 мај 2019 година. Младите таму не го сметаат волонтерството за привлечно, а организациите немаат големо искуство на кој начин да ги поддржат и вклучат во нивната работа. Менди, која е волонтерка од Мировниот корпус и волонтира за општината и за Црвениот крст во Пробиштип, го сподели своето искуство околу укажаната можност да биде дел од организацијата и да придонесува кон заедницата. На средбата беа истакнати и други недостатоци на здруженијата меѓу кои неискуство во планирањето, мобилизирањето поддршка од заедницата, прибирањето средства и составувањето пријави за грантови. Со цел да се одговори на овие потреби за подобрување и усовршување, прв следен чекор би бил организирање обуки на овие теми. Организациите споделија различни искуства за соработката со Општината и за поддршката која им е пружена. Едно од главните барања е обезбедувањето простор за работа кој во моментов го немаат, а би биле задоволни доколку општината изврши пренамена и прилагодување на некој празен објект. Тимот на ГРЦ исто така оствари средба со Марија Митева, претставничка од кабинетот на Градоначалникот и со Наташа Смилкова, од Одделението за локален економски развој (ЛЕР) одговорна за комуникација со граѓанските организации. Општината практикува објавување јавни повици, но и ад-хок доделување средства на здруженијата. Потребата на организациите за соодветен простор е препознаена и постои иницијатива на Општината да се отвори Центар за граѓански организации, но истата се уште не е реализирана бидејќи не се обезбедени средства за неа. Општината е во завршна фаза на изработката на Стратегија за соработка со граѓанските организации. Граѓанскиот ресурсен центар е проект финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) од Гостивар и Медиа плус од Штип.
|