Доделени наградите за новинарските истражувачки приказни за корупција |
Tuesday, 27 September 2016 08:43 | |||
Влатко Стојановски ја доби првата награда за истражувачката приказна со наслов: „Владата потроши една милијарда евра на субвенции, а увозот на храна е удвоен“ на конкурсот што го објавија Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС) во јуни оваа година. Втората и третата награда им припаднаа на Владе Ѓорчев, за приказната „Превозниците од транспортер не сопреа, туку тераат по старо па и уште побрзо“ и на Кристина Озимец, за приказната „Конфискација на имот“. „Храбрите и независни медиуми можат да ја осветлат темнината каде што цвета корупцијата“, рече Лора Браун, Советник за односи со јавноста во амбасадата на САД во Скопје на доделувањето на наградите што беше организирано на 23 септември 2016 година во Скопје. „Како граѓани, ние се потпираме на истражувачката работа на новинарите, да ги откријат проблемите и сомнителните однесувања. Новинарите помагаат да се оформи нашето мислење за измамата и корупцијата. Тоа е драгоцена јавна служба и треба да се зема сериозно“, додаде таа. „Партнерството помеѓу граѓанските активисти и новинарите може да ја намали корупцијата во Македонија“, рече Миша Поповиќ од ИДСЦС и додаде, „доброто новинарско истражување ги информира и едуцира граѓаните за проблемите со кои се соочуват, заради што, државните службеници и носителите на функции знаат дека нивното однесување нема да остане незабележано.“ На настанот кратко беа презентирани сите девет новинарските истражувачки приказни: „Општина Новаци наречена „Стентон градба“; „Болните умираат задушени во тендерската бирократија“; „Изградба на гасовод: матни зделки или победува најдобриот“; „Како бугарски Минстрој стана концесионер на рудниците Тораница и Злетово“; „Старо Нагоричане потроши четврт милион километри за три километри пат“; „Злоупотреба на ИПА фондови“. Авторите на првите три приказни добија парична награда. Конкурсот за новинарски истражувачки приказни беше дел од Програмата на УСАИД за борба против корупцијата што ја спроведува МЦМС со партнерите: Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦ), Транспарентност Македонија и Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар (АДИ).
|