За слободата на говорот и слободата на изразувањето |
Thursday, 21 April 2016 12:25 | |||
Проектот ТАКСО, Ресурсниот центар на ТАКСО воден од МЦМС во соработка со Делегацијата на Европската Унија на 7 април 2016 година, во Скопје, ја организираа конференцијата со наслов: „Поддршката од Европската Унија за слободата на говорот и слободата на изразувањето“. „Слободата на изразување е основно човеково право. За жал, ситуацијата тука не е добра“, рече шефот на делегацијата на Европската Унија Аиво Орав во своето воведно обраќање на Конференцијата. „Нашите досегашни извештаи јасно истакнувале дека слободата на изразување и на средината во која функционираат медиумите останува сериозен предизвик“, додаде тој. Орав рече дека предизвици се недостатокот на избалансирано известување, самоцензурата кај новинарите, целосниот пристап до информациите од јавен карактер како и непочитувањето на независноста на регулаторното тело. „Финансирањето на медиумите не е доволно транспарентно и во случајот на јавниот радиодифузен сервис не е соодветно. Заедницата на новинарите е поделена наместо заеднички да ги брани своите интереси. За жал, исто така може да се слушне говорот на омраза во вашите медиуми без никакви последовањето активности од страна на државните институции. Тоа треба да се промени“, рече Аиво Орав. Непочитувањето на професионалните стандарди во медиумите, ширењето на говорот на омраза во традиционалните и на интернет медиумите, како и потребата од регулација на интернет-порталите, беа клучните прашања на кои се фокусираше дискусијата во рамки на првата сесија насловена како „Одговорноста на медиумите како заштитник на човековите права, демократијата и јавниот интерес“. Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми стави акцент на членот 10 од Европската конвенција за човекови права истакнувајќи дека домашната регулатива ги вградува меѓународните стандарди но, при практикувањето и имплементацијата, особено од аспект нa новинарската работа, во судската пракса се уште има случаи кога тоа недоследно се применува. Според адвокатот Лазар Сандев од адвокатската канцеларија „Медарски“ неприфатливо е државни институции да тужат новинари и медиуми, затоа што новинарите имаат право да истражуваат прашања кои се од јавен интерес, а институциите имаат одговорност да дадат отчет кон граѓаните за нивната работа. Во случаите кога јавните функционери покренуваат судски постапки против новинари и медиуми, препораките се дека судството треба да ја следи праксата на Судот во Стразбур, чии пресуди прибегнуваат повеќе кон морална сатисфакција или осуда, отколку кон парична казна. Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, се осврна на надлежностите на регулаторот при прекршување на професионалните принципи и начела од страна на радиодифузерите. Падот на професионалните стандарди, како што констатираше тој, трае изминативе 20 години и резултира со омраза и нетрпеливост во медиумските содржини. За улогата на критичкото и истражувачкото новинарство во потрагата по јавниот интерес зборуваше Тамара Чаусидис, уредник во Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН). Според неа, новинарството им е товар на медиумите кои се во трка по бизнис и профит и нереално е од нив да се очекува дека ќе вложуваат во професионализација на своите новинари. Решението не е во дополнителната регулација на медиумската сфера, туку во ослободување на медиумите, смета таа. Прашањето за професионалните стандарди и како да се овозможи нивна доследна имплементација од страна на радиодифузерите покрена поширока дискусија меѓу присутните. Во втората сесија насловена како „Улогата на различните чинители: асоцијации на медиумите, граѓанските организации, новинарите, синдикатите, образовните институции“, сите од свој аспект понудија различни гледишта како да се подобри ситуацијата со слободата на говорот и изразувањето. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани во своето излагање потенцираше дека Здружението се залага за медиумски слободи кои ќе бидат реалност, а не само на хартија. Но за таа цел е неопходно да се издржат огромни притисоци. Селмани ги посочи како клучни сојузници во таа битка граѓаните и меѓународната заедница. Кирил Ристовски од Центарот за еколошка демократија Флорозон изнесе податоци за минимална застапеност на новинарски прилози од областа на животната средина од 0,4 до 0,8% во печатените медиуми, и 1,2 до 2,8% на телевизиите. Покрај развивањето на капацитетите на двете страни, особено би помогнало да се развие еколошкото истражувачко новинарство и моделот на граѓанско новинарство. Александра Теменугова од Високата школа за новинарство и односи со јавноста говореше за потребата од медиумска писменост. Беше изнесен фактот дека никој не го мери степенот на медиумска писменост, ниту спроведува обуки веќе шест години, иако тоа е должност на државата. Со оглед на состојбата во медиумите, потребата од обука на граѓаните како критички да ги опсервираат медиумските содржини, но и како да го изразат својот став во медиумите, станува се понеопходна. Присутните дискутираа за потребата од тесна соработка на граѓанските организации и медиумите, развивањето на граѓанската свест итн. Конференција беше дел од напорите на Европската Унија да ги поддржи медиумските реформи во земјите од Западниот Балкан и Турција, и претставуваше продолжение на Спик-ап конференцијата која Европската комисија ја организира секои две години, почнувајќи од 2011. Целта на конференцијата беше да ги поттикне граѓанските организации да се ангажираат активно во јавната дебата поврзана со слободата на изразување, медиумските реформи и слободата на говорот и да се понудат решенија и препораки кои на сите чинители во процесот ќе им го посочат „патот напред“.
|