Јавното финансирање на граѓанските организации – предизвик за целиот регион |
Tuesday, 19 April 2016 13:11 | |||
На маргините на состанокот на Собранието на Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН) што се одржува на 18 и 19 април 2016 година во Скопје, денес, 19 април, од 14.30 до 17 часот во хотелот Арка ќе се одржи тематска дебата: Достапноста на јавното финансирање за граѓанското општество во регионот. На дебатата ќе зборуваат: Стефанија Андерсен, оперативен директор на Фондацијата за развој на граѓанското општество од Романија за најдобрите практики на државно финансирање на ГО во Романија; Алисон Кеирнс, Раководител за развој во Шкотскиот совет за волонтерски организации за најдобрите практики на дистрибуција на јавни фондови за ГО од Шкотска; Тања Хафнер Адеми, извршен директор на БЦСДН ќе направи регионален преглед, а Симона Огненовска, соработник на проекти во МЦМС ќе го презентира документот за политики за јавното финансирање на ГО во Македонија. Документот за политики, меѓу другото, ја анализира ставката 463 Трансфери до невладини организации во буџетот на РМ. Иако од 2004 до 2014 година износот на таа ставка е незначително зголемен (малку над 218 милиони денари во 2004 година, до речиси 242 милиони денари во 2014 година), процентуално, учеството на средствата за граѓански организации е значително намалено од 0,30% во 2014 година на 0,14% во 2014 година. Најмногу средства одвојуваат министерствата за финансии, за правда, за труд и социјална политика и за култура, како и Агенцијата за млади и спорт. Вкупните суми за 10 години се движат од речиси 874 милиони кај Минстерството за финансии до речиси 179 милиони кај Министерството за култура. Во 2015 година, со ребалансот на буџетот, најмногу средства се планирани во Министерството за правда, 2,3 милиони евра и Министерството за труд и социјална политика 1,3 милиони евра. Најнискиот индивидуален грант изнесува 3.000, а највисокиот 51 милион денари. Според анализата, 46% од добитниците само еднаш се нашле на оваа листа, а останатите 54% добиле повеќе од еднаш. Има организации кои 17 пати добиле грант од овие средства. Приходите од игри на среќа и забавни игри, со два исклучоци, завршуваат на сметка на организациите кои работат со лица со хендикеп. Најголем добитник, односно 55 милиони денари од вкупниот фонд од 66 милиони денари добиваат Националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација. Организациите се соочуваат со недостатокот на податоци за дистрибуција на државните средства за граѓански организации како и нивната неконзистентност. Висината на средства не е соодветна на потребите, нема повеќегодишна поддршка, нема институционална поддршка. ГО имаат потреба од средства за ко-финансирање и предфинансирање. Распределбата на приходите од игри на среќа и забавни игри не ги следи принципите за транспарентност и еднакви можности. МЦМС ги набљудува јавните фондови за граѓанското општество во Македонија во последните 20 години. Со овој документ за политики со кој се прави напор да се мапира и да се подобри достапноста на податоци за јавно финансирање и да се направи пресек на сегашните практики на директното буџетско финансирање на ГО во Македонија. Сите овие активности треба да послужат како основа за идните дискусии и комплетирање на реформата на јавното финансирање на ГО. Имајќи предвид дека станува збор за предизвици за целиот регион, денешната дебата ќе обезбеди споредбена перспектива. Освен тоа, неефикасноста на јавните фондови е едно од прашањата кои се заеднички во извештаите за прогрес на ЕУ за 2014 година за целиот регион. Јавното финансирање на граѓанските организации (ГО) е еден од клучните елементи во пристапот на владата за зајакнување на партнерството со граѓанското општество и поддршката на неговиот развој и значаен извор за одржливост на граѓанските организации во европските земји.
|