Граѓаните се главната „засегната страна“ во борбата против корупцијата |
Wednesday, 23 July 2014 15:06 | |||
Од 3 до 12 јули, во Лаксембург (Виена), Австрија, беше одржана четвртата меѓународна летна академија „Practice meets Science“ што ја организира Меѓународната академија за антикорупција. Во текот на десетдневната програма 65 учесници од над 46 земји имаа можност да ги проследат предавањата на повеќе од 18 истакнати предавачи и меѓународни експерти од различни сектори и држави. На академијата учествуваше и Борјан Ѓузелов од МЦМС. Обуката им беше наменета на професионалци кои работат во полето на антикорупцијата и имаше за цел да ги зајакне нивните капацитети и да им овозможи размена на искуства. Обуката обезбеди посеопфатно разбирањето на комплексноста на корупцијата, како и практични насоки за креирање на ефективни антикорупциски практики, иницијативи и политики. Дел од дискусиите се однесуваа на мобилизирањето на граѓанското општество и вклучување на поширока колективна акција во антикорупциските иницијативи. Во борбата против корупцијата, граѓаните се главната „засегната страна“, бидејќи тие се најчестите губитници од коруптивните зделки на политичките и бизнис елитите. Поради тоа граѓанската мобилизација и градењето на активно граѓанско општество се клучни за воспоставувањето на повеќе отчетност и транспарентност. Учеството на претставник од МЦМС на меѓународна академија за антикорупција, беше уште една од низата активности на МЦМС за подобрување на своите капацитети за следење на корупцијата и нејзина превенција во рамките на Програмата на УСАИД за антикорупција. Програмата е спроведувана од МЦМС во партнерство со Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје (ИДСЦС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Транспарентност Македонија (ТМ). Целта на програмата е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивниот повисок интегритет.
|