Граѓанското општество има клучна улога во борбата против корупцијата |
Thursday, 12 June 2014 00:00 | |||
На 11 јуни 2014 година во Рим, Италија се одржа четвртата годишна конференција за антикорупција на високо ниво за владите на Групата од дваесетте министри за финансии и гувернерите на Централната банка, Г-20 и бизнис заедницата. На конференцијата учествуваа над 80 претставници на влади, бизнис заедницата и граѓанскиот сектор од земјите членки на ОЕЦД и Г-20. МЦМС го претставуваше Емилија Туџаровска-Ѓорѓиевска. Учесниците ја истакнаа клучната улогата на приватниот сектор и граѓанското општество во борбата против корупција, елиминирањето на странскиот поткуп и борбата против економскиот криминал. Во таа насока, граѓанското општество треба да се развива како чувар на напредокот преку активно вклучување во борбата против корупцијата како рамноправен партнер. Конференцијата имаше за цел да ги истакне приоритетите на Г-20 за зајакнување на соработката меѓу владите и приватниот сектор, како и да изгради заедничко разбирање за унапредувањето на клучните елементи на глобалната агенда за борба против корупцијата и за иновативни решенија за решавање на најновите предизвици со кои се соочуваат земјите, бизнис заедницата и граѓанското општество. Разгледани беа и приоритетите според Акциоскиот план 2013-2014 на Г-20 за антикорупција, како и препораките на владите. Посебна сесија беше посветена на агендата на Г-20 за елиминирање на меѓународниот поткуп, како и одбележување на 15 годишнината од Конвенцијата на организацијата за економска соработка и развој -ОЕЦД за спречување на поткупот на странски јавни службеници во меѓународните деловни трансакции. Од 2013 година МЦМС како граѓанска организација активно придонесува кон следењето и борбата против корупција во Република Македонија, преку програми финансиски поддржани од УСАИД и Европската Унија и активно е вклучена во следењето на глобалните текови во областа на антикорупцијата и поврзаните општествени текови. Конференцијата беше заеднички организирана од италијанската ко-претседавачка работната група на Г-20 за антикорупција и организацијата за економска соработка и развој , ОЕЦД.
|