Македонија 13-та од 29 земји во развиеност на граѓанското општество |
Tuesday, 13 September 2011 12:06 | |||
[Прес соопштение] Цивикус – Светската алијанса за граѓанско учество го објави сумарниот извештај за состојбата со граѓанското општество во светот. Извештајот, како резултат на тригодишна обемна работа во рамките на истражувачкиот проект Цивикус-Индекс на граѓанското општество (ИГО), нуди сеопфатна самоанализа на граѓанското општество и на неговите јаки и слаби страни во 35 земји ширум светот, вклучувајќи ја и Македонија и др. земји од Балканот. Клучниот наод од овој извештај, насловен како „Премостувајќи ги јазовите", е дека граѓанското општество е во својата најзначајна криза и генерациски промени. Многу етаблирани граѓански организации се борат под тежината на повеќе економски и политички предизвици. „Резултатите покажуваат дека граѓанските организации се соочуваат со повеќе предизвици, вклучувајќи ограничени и напнати односи со владите, намалување на финансиските и човечките ресурси и ниско ниво на вклучување на јавноста во нивните активности и исклученост од новите неформални начини на учество и активизам", изјави Ендрју Фирмин, составувачот на извештајот. „Сепак, позитивно е дека има динамичен граѓански ангажман надвор од формалното граѓанско општество". Скоро во секоја земја, неформалното учество, го надминува членството во формалните граѓански организации. Во 2011 г. многу граѓани најдоа нови начини на мобилизација, како што беа протестите во повеќе земји од сите континенти. Ова укажува дека постојат различни начини за учество и активизам и дека граѓанските организации се само еден од тие начини. Кога граѓанските организации се попречени или неактивни, граѓаните може да најдат алтернативни патишта. На пример, земјите од Близок Исток и Северна Африка објавија најниско ниво на членување и волонтирање во граѓанските организации, но тоа не даде точна претстава за потенцијалот на ангажманот на граѓаните, на кој бевме сведоци во т.н. арапска пролет. И во Македонија состојбата е слична, односно во граѓанските организации се вклучени само мал број граѓани без значителни промени последните пет години, а учеството во неформалните и ад-хок активности е повисоко отколку во организираното граѓанско општество. Фирмин дополнува дека „Донаторите, владите, приватниот сектор и самите граѓански организации треба да престанат да ги прават граѓанските организации застапници на поширокото граѓанско општество или нивна замена, и правејќи го тоа да не ги разберат мотивите за учество и активизам и да ги пропуштат можностите за поддршка на напорите на граѓаните да ги подобрат нивните животи и општества". МЦМС во извештајот за Македонија препорачува „потребно е граѓанските организации поинтензивно да се фокусираат на јавноста, односно на граѓаните и на своето членство. Градењето вакви односи ќе овозможи проактивно презентирање на резултатите од активностите што ќе обезбеди поголема видливост на организациите. На подолги патеки, ваквите релации ќе ја подобрат довербата и поддршката на граѓанските организации". Наравоучението за поддржувачите на граѓанскиот сектор и за самите граѓански организации е дека треба најдат начини да се поврзат со новите групи активисти и луѓето кои се здружуваат на други алтернативни начини, како што е здружувањето на и преку социјалните медиуми. МЦМС објави студии за улогата на социјалните медиуми во Македонија (http://www.mcms.org.mk/mk/za-nasata-rabota/istrazuvana-i-publikacii/1091-graganski-praktiki-12-graganski-angazman.html). Понатаму, во сумарниот извештај се вели мора да се најде начин како да се поврзат и заеднички да дејствуваат сите делови од граѓанското општество, како што се здруженијата, синдикатите, верските заедници и сл. Ова е една од препораките и во македонскиот извештај „понатамошното зајакнување на соработката меѓу организациите на работодавачите, синдикатите и граѓанските организации станува неопходно. Оваа соработка може да биде основа за одржлив граѓански и социјален дијалог". ИГО оценуваше пет димензии на граѓанското општество и направи преглед на оценките на глобално ниво. Во споредба со други 29 земји и/или територии, каде се спроведуваше ИГО, Република Македонија е рангирана на 13-то место, со средна оценка од 52,5 (на скала од 0 до 100). Највисока оценка има Замбија, 59,47, а најниска Русија со 42,51. Според граѓанскиот ангажман, Македонија е на 11 место, според нивото на организација е на 9, практикување вредности – 7 место, а според перцепција на влијанието и околината – 18 место. Во однос на балканските земји (Албанија, Бугарија, Косово, Србија, Словенија, Турција и Хрватска), Македонија е на второ место, по Албанија, а пред сите останати. Најслаба оценка од балканските земји има Турција. Најдобра оценка за граѓански ангажман има Албанија, а Македонија е на трето место. За ниво на организација и практикување вредности највисоко се оценило граѓанското општество од Косово, а Македонија е на 4 т.е. 3 место. За перцепција на влијанието највисока оценка има Албанија, а Македонија е на второ место. Најповолна надворешна околина за дејствување има Словенија, а Македонија е на шесто место (по неа се Косово и Србија). Извештајот е напишан на лесно разбирлив англиски јазик и е наменет за пошироката јавност. Истиот може да се најде на англиски јазик на: http://www.civicus.org/news-and-resources/reports-and-publications/588. Македонскиот извештај може да се најде на: http://www.mcms.org.mk/mk/za-nasata-rabota/istrazuvana-i-publikacii/1140-dolg-pat-do-pogolem-graganski-angazman-izvestaj.html. За повеќе информации за истражувањето можете да се обратите кај Даниела Стојанова, This e-mail address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it , 02/3088-980.
|