Во Македонија и не е така лошо! - Што е всушност конфликтот? |
Thursday, 18 August 2011 00:00 | |||
Page 2 of 6
Што е всушност конфликтот?Работниот дел од посетата започна со вовед во конфликтот во Северна Ирска. Како илустрација на 30 годишниот конфликт, учесниците имаа можност во текот на првиот ден да ги посетат тнр. Ѕидови на мирот подигнати помеѓу домовите на протестантската и католичката заедница. Низ деловите каде живее католичката заедница ги водеше Тим Браниган, католик и поренешен соработник на Ирската републиканска армија (ИРА) кој заради соработката одлежал 5 години во затвор. Водич низ протестантската заедница беше Тони Меколи, поранешен разнесувач на весници и активен медијатор во мировниот процес. Ѕидовите на мирот, кои во некои подрачја на Белфаст достигнуваат и до 10 метри, не ретко се „облагородени" со тнр. мурали, односно слики кои треба да ги потсетуваат минувачите и оние кои живеа покрај нив на ликовите на оние кои загинале во конфликтот. Следното изненадување беа вратите на ѕидовите кои во некои делови од градот се затвораа веќе во 21 часот. Луѓето од двете страни на ѕидовите не комуницираат, децата не се дружат, затоа што „од другата страна на ѕидот живеат непријателите". И водачите на оваа група, тогаш за прв пат стапнаа во некои од подрачјата на Белфаст! Учесниците се интересираа како во вака поделени заедници функционира животот. Во здравствениот систем, на пример, тенденцијата била да се направи по еден помал здравствен центар во секоја од заедниците. Во поголемите центри, персоналот е мешан, но сепак претежно протестантски или католички во зависност од тоа каде е изграден центарот. „Мојата прва средба со „другите", вели Тони Меколи, беше на една вакцинација. Се сеќавам дека бев зачуден дека тие се исти како нас?!" Училиштата се поделени. Тие често служат како средство за идентификација на која заедница и припаѓаат. Домаќините раскажуваа дека ако соговорникот не може на основа на името, акцентот или други физички особености да разбере дали другиот е протестант или католик, сомнежот го надминува со прашањето во кое училиште учел. Единствено училиштата за деца со ментален хендикеп се интегрирани, додаваат тие. И јавниот транспорт не е единствен. Дел од линиите биле укинати затоа што била напаѓани. Католиците користат црно такси за кое цените се како за јавен превоз и кое не влегува во протестантските делови од градот. На крајот на денот, учесниците го посетија хотелот Фарсет сместен на самата мировна линија меѓу протестантите и католиците. Фарсет е изграден пред 10 години со средства од Мировните програми на ЕУ за да креира работни места. Во Северна Ирска многу работни места ги исклучуваат поранешните затвореници, па тие мораат да се снаоѓаат како што знаат и често се дел од „сивата економија" на земјата. Тие дури не можат ни да патуваат во некои земји. Во хотелот Фарсет се организира дијалог за различни групи. Доаѓаат поранешни затвореници и разговараат со младите луѓе. Организаторите на ваквите средби се надеваат дека ваквата едукација на младите ќе помогне во помирувањето. За жал, велат домаќините, проектите на помирување не влијаат многу на политичарите и владата. Тие многу бавно стануваат дел од програмите на политичките партии, а потоа и на самата влада. Политичките крила на двете страни едноставно не можат да се договорат за политиката на интеграција, а медиумите пак немаат таква иницијатива.
|