Време: Македонија е рај за Ромите |
Tuesday, 25 January 2005 01:00 | |||
Ромите во Македонија имаат најмногу права од сите нивни собраќа во поранешните социјалистички држави во Источна Европа. Според студијата на американскиот политиколог Ебен Фридман, степенот до кој македонските Роми се вклопени во општеството можеби е највисок што оваа етничка група го имала кога било и каде било. - Словачка и Македонија се наоѓаат на два краја на една иста отсечка. Република Словачка ги третира своите Роми веројатно најлошо од сите посткомунистички режими, додека степенот до кој политички се интегрирани Ромите во Република Македонија можеби е највисок - рече Фридман на промоцијата на својата книга „Интеграцијата на Ромите во Словачка и во Македонија“. Изданието, кое е дел од неговата докторска дисертација „Објаснување на политичката интеграција на малцинствата: Ромите како тежок случај“, вчера го промовира издавачот, Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС). - Ова е обид да се покаже отпор кон расистичките вкоренети уверувања, кои не можат да се искоренат со декларативни заложби - рече промоторката Мирјана Најчевска од Институтот за социолошки, политиколошки и правни испитувања од Скопје. Книгата на Фридман ги споредува демографијата, политичките и културните права на Ромите во Словачка и во Македонија, како и нивната слика во очите на јавноста. Особено внимание авторот обрнал на дискриминаторските закони и на насилството предизвикано од расистички побуди. Изданието е дел од програмата „Практично образование на младите Роми“, кое МЦМС ја спроведува со пари од Данската црковна помош и од Унијата на данските средношколци. Ебен Фридман е доктор по политички науки при Универзитетот Калифорнија од Сан Диего (САД). Неговата докторска теза „Ромите како тежок случај“ е базирана на двегодишно теренско истражување во Словачка и во Македонија. Одлично зборува македонски јазик. Работи во Европскиот центар за човекови права во Германија. Покрај печатеното издание на извадоци од неговата дисертација, објавено е и цеде на кое читателите може да го прочитаат целиот текст на овој труд.
„Со проширувањето на албанскиот милитантен национализам од Косово во Македонија, во доцните 1970-ти и раните 1980-ти, Ромите се најдоа приклештени од жестокиот пораст на албански национализам, при што македонските власти забележаа притисок врз Ромите, како и врз Турците и Македонците-муслимани да се декларираат како Албанци“, се вели во трудот на овој политиколог. Тој смета дека тековното зголемување на застапеноста на етничките Албанци во полицијата во западна Македонија ќе доведе до пораст на пријавите за несоодветен полициски третман кон нив. „Со оглед на тоа што односите помеѓу Ромите и етничките Албанци се полоши отколку тие помеѓу Ромите и Македонците, има причини да се очекува таков пораст“, вели Фридман. Извор: Време (25.јануари.2005)
|