Брз одговор на здруженијата за најзагрозените заедници погодени од КОВИД-19 |
E mërkurë, 05 gusht 2020 13:23 | |||
Граѓанскиот ресурсен центар беше меѓу првите кои дадоа организиран одговор за справување со кризата од пандемијата. Преку грантови за итни интервенции, поддржа седум граѓански организации кои изминатиот период работеа на намалување на последиците од КОВИД-19. Тие им помогнаа на над 1.000 социјално загрозени семејства, припадници на маргинализираните групи, земјоделци и жртви на семејно насилство. Најголем дел од нив обезбедија хуманитарна помош за ранливите категории граѓани со цел полесно да го надминат кризниот период. Токму Здружението за перспективна интеграција и развој „Рома перспектив“ од Прилеп работеше на намалување на гладот и хигиенските потреби на социјално загрозените семејства. За таа цел, доделија 110 пакети со храна и хигиенски средства во прилепската населба „Тризла 2“. Покрај тоа, организираа онлајн средби со ромската заедница за обезбедување психолошка поддршка, како и за информирање за економските мерки од Владата, мерките за вработување, за начинот на запишување на нивните деца во градинка, основни и средни училишта. „Успешно реализиравме средби со 20 жени кои имаа потреба од психолошка поддршка. Проблемите им настанале по започнување на кризата бидејќи во една просторија живеат лица од сите генерации. Голем дел од жените ја следат онлајн наставата со нивните деца со помош на само еден паметен уред. Тоа значи дека останатите деца мора да ги пропуштат онлајн часовите кои се одржуваат во истиот период. Дел од жените посочиле дека се преоптоварени со домашните обврски, затоа што целото семејство е дома и тие треба повеќе да работат, да готват и да чистат“, раскажуваат од „Рома перспектив“. Слична е ситуацијата и во кумановската населба „Тоде Мендол“, каде на терен работеше Хуманитарното доброчинително здружение „Света Мајка Тереза“. Од ситуацијата која ја затекнале заклучиле дека населението таму има најголем проблем со хигиенските услови и образовните материјали. Беким Салиу, претседател на здружението, раскажува за нивните корисници, за семејство со седум деца кое нема пари да им купи обичен молив на своите четири деца кои се школуваат, како и за самохрани мајки со мали деца кои немаат пари да купат пелени и други основни средства за хигиена. Преку нивната акција поддржана од ГРЦ, поделија 30 едукативни и забавни пакети како друштвени, логички игри и сложувалки; 40 пакети со школски прибор; како и 30 хуманитарни пакети со основни хигиенски производи. Салиу вели дека се одлучиле за ваква помош бидејќи забележале дека социјално загрозените семејства се добро снабдени со храна благодарение на помошта на други граѓански организации. Ромското население во Гостивар исто така беше ставено под огромен притисок за време на кризата. Здружението „Месечина“ при дистрибуцијата на 80 социјални пакети доделуваше и памфлети за правилно информирање во врска со сериозноста од ширење на пандемијата, како и важноста од лична и колективна заштита. Од здружението посочуваат дека правилното распределување на пакетите придонело да се намалат стравот и паниката поврзани со основната егзистенција. Оваа реакција на граѓанските организации придонесе привремено и на солидарен начин да се помогне на оние кои најтешко се соочуваат со новонастанатата ситуација. Покрај активностите за хуманитарна помош, организациите пружаа психосоцијална поддршка на жртвите на семејно насилство и споделуваа корисни информации во заедниците.
|