УНКАК и механизмот за ревизија - моќни алатки за борба против корупцијата |
E enjte, 31 maj 2018 12:54 | |||
Да се зајакне знаењето на граѓанските организации за европските и за меѓународните инструменти за борба против корупцијата, особено за Конвенцијата на Обединетите нации против корупција (УНКАК) беше главната цел на работилницата „Механизми за преглед и учество на граѓанските организации во процесот на ревизија“, што ја организираше МЦМС на 21 и 22 мај 2018 година во Попова Шапка. Конвенцијата и нејзините механизми за преглед се моќни алатки во рацете на граѓанското општество. Тие обезбедуваат основа за граѓаните и организациите да бидат релевантен партнер во борбата за спречување на корупција. Подетално за Конвенцијата и за нејзиниот механизам за ревизија зборуваше Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл- Македонија. Таа се осврна и на потребата Конвенцијата да се имплементира во националното законодавство, а зборуваше и за формирањето на Коалицијата на граѓански организации за УНКАК. Владо Георгиев од ДКСК го пренесе своето искуството како дел од експертскиот тим задолжен за подготовка на извештајот од спроведувањето на Конвенцијата во Македонија. Учесниците имаа можност да слушнат повеќе за самиот процес на ревизија и за методологијата за оценка на спроведувањето. За искуството на Полска од процесот на спроведување, од подготовката на паралелниот извештај за спроведувањето на Конвенцијата, како и за учеството на граѓанските организации во тие процеси зборуваше Ана Новак, ко-автор на полскиот паралелен извештај за спроведување на Конвенцијата. Меѓународното искуство го нагласи значењето на Конвенцијата како силен правен инструмент за борба против корупцијата. Преку разгледување на главите 2 и 5 од Конвенцијата учесниците ги согледаа можностите за вклучување во следењето и подготовката на извештајот што ќе биде направен паралелно на официјалниот извештај за оценка на државата за имплементација на УНКАК. Работилницата е дел од проектот „Следење на антикорупциските реформи“, кој го спроведува МЦМС во соработка со Балканската мрежа за развој на граѓанското општество (БЦСДН), а е финансиски поддржан од Европската комисија.
|