Ставови на граѓаните за промена на името во Република Илинденска Македонија |
E enjte, 31 maj 2018 13:14 | |||
Мнозинството граѓани 61,5% би гласале против на референдум на кој би било поставено прашањето: „Дали се согласувате со промена на името во Република Илинденска Македонија“? Споредено со резултатите на теренската анкета спроведена во април 2018, за граѓаните додавката Илинденска е помалку прифатлива од додавката Горна. Вкупно 41,5% би прифатиле промена во Горна, споредено со 27,2% кои би прифатиле Илинденска. Ова го покажа последното телефонско истражување на МЦМС и М-Проспект. Гледано демографски, за “Не” би гласале мнозинството од етничките Македонци (70,5%) и големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (92,7%). Мнозинство од етничките Албанци (52,8%) одговориле дека Република Илинденска Македонија за нив е прифатливо решение како и за мнозинството од симпатизерите на СДСМ (56,4%) и на ДУИ (62,5%). Нешто повеќе од една третина од испитаниците 38,9% би гласале „Да“ на референдум на прашањето: „Дали се согласувате со промена на името во Република Илинденска Македонија кога земјата ќе стане членка на ЕУ?“. Споредено со резултатите на теренската анкета, спроведена во април 2018, многу е поприфатлива опцијата Република Горна Македонија, кога земјата би влегла во ЕУ (47,6%). Речиси две третини од етничките Македонци (63,8%) би гласале со “Не”. Големо мнозинство од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ (89,5%) исто така не би го подржале овој предлог. Предлогот е прифатлив за речиси три четвртини (72,1%) од етничките Албанци, како и за симпатизерите на СДСМ (71,8%) и симпатизерите на ДУИ (88,8%). Испитувањето на јавното мислење е спроведено со телефонска анкета во периодот 23 мај – 26 мај 2018 г. на национален репрезентативен примерок од 1.047 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Податоците се со веројатност на точност од 95% и со грешка +/- 3 %.
|