Одржана обука за антикорупција за професионални и стручни организации |
E hënë, 22 dhjetor 2014 16:32 | |||
На 25 и 26 ноември 2014 г., во х. Александар Палас во Скопје, МЦМС организираше обука за антикорупција. Обуката беше наменета за претставници на професионални организации кои делуваат во сектори изложени на ризик на корупција (студентски организации, стопански комори, здруженија на адвокати и судии). Учесниците на обуката имаа можност да се запознаат со методите и практиките на бугарскиот Центар за изучување на демократијата (ЦИД) кој има долгогодишно искуство во следењето и борбата против корупцијата. Обучувачи беа експертите од ЦИД: Руслан Стефанов, Тодор Јаламов, Тихомир Брезлов и Емил Ценков. Во текот на сесиите, обучувачите го презентираа своето искуство во следење на корупцијата и креирање на антикорупциски политики. Учесниците имаа можност да го подобрат своето знаење за корупцијата и корупциските ризици и да ги подобрат своите вештини за развивање на скроени секторски антикорупциски политики. Исто така, беа презентирани и основните наоди и клучните предизвици идентификувани во Извештајот за проценка на корупцијата, кој неодамна беше подготвен од МЦМС, во соработка со ЦИД. Обуката е дел од Програмата на УСАИД за антикорупција, што ја спроведува МЦМС. Целта на програмата е зголемена информираност и знаење на граѓанските организации и граѓаните за барање отчетност од институциите како и придонес кон нивниот повисок интегритет. Партнери во спроведување на Програмата се Институтот за демократија – Социетас Цивилис, Скопје (ИДСЦС), Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) и Транспарентност Македонија.
|