Подобри услови за учење за 243 ученици |
E premte, 04 korrik 2014 11:41 | |||
Од јуни до октомври оваа година МЦМС ќе реновира три основни училишта во кои настава посетуваат или ја спроведуваат вкупно 243 ученици и 39 наставници. Станува збор за основните училишта „Орце Николов“ во с.Ињево (Радовиш); „Гоце Делчев“ во с.Радичево (Василево) и „Манчу Матак“ во с.Славеј (Кривогаштани). Во училиштето во с.Ињево ќе биде направена замена на прозорците и на еден дел од зградата ќе биде ставена нова фасада. Замена на прозорците и вратите ќе биде направена и во училиштето во с.Радичево, а ќе биде реконструиран и училишниот кров. Училиштето во с.Славеј е најстаро од трите и таму ќе бидат направени нови санитарни јазли и септичка јама, ќе бидат заменети подовите во училниците како и вратите и прозорците. Вкупниот буџет за реконструкција изнесува околу 93.000 евра, а го обезбедија Филип Морис Интернешeнал Менаџмент СА и Сокотаб. Трите училишни згради се изградени пред 30 односно 60 години и во нив не се правени значителни реконструкции. Интервенциите ќе бидат направени според новите стандарди, а градежните материјалите кои ќе се користат ќе бидат енергетски ефикасни и еколошки. На овој начин, учениците ќе имаат подобри и побезбедни услови за настава, а училиштата ќе имаат пониски трошоци за греење. МЦМС осма година по ред работи на подобрување на условите за учениците и наставниците преку реновирање на основите училишта. До сега се реновирани седум училишта со вкупна вредност на проектите од 28.470.000 или 463.000 евра.
|