Малку проекти и пари од ИПА за ромската заедница |
E hënë, 17 qershor 2013 12:32 | |||
На 13 јуни 2013 година во Скопје се одржа презентација на студијата „ Искористување на ИПА фондовите за ромските заедници во Македонија“ што беше направена во рамките на иницијативата „Да се направи максимум со фондовите на ЕУ за Ромите“. Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС и автор на истражувањето, ги презентираше главните наоди и заклучоци. Според истражувањето, доделени се два проекти (на странски организации/компании, за обезбедување услуги) со вкупна вредност од 628,623 €, што е само 1.5% од таа компонента ИПА 1 2008 компонента (и 26% од поткомпонентата за Демократија и основни права за таа година) или само 0.4% од вкупните ИПА средства договорени до крајот на 2011. Малку повеќе можности користат ромските граѓански организации/заедници преку ЕИДХР програмата каде биле доделени 3 проекти за Ромите, со вкупна вредност од 186.964 € или 10% од вкупниот буџет на ЕИДХР за тие три години. Дури и со доделените проекти (особено договорите за услуги) не е јасно дали придобивките од проектите завршиле во рамките на ромските заедници. Кржаловски се осврна и на другите делови од истражувањето кои се однесуваат на контекстот, статусот на Ромите во Македонија, политиките за Ромите, правната и институционалната рамка. Надир Реџепи, проектен менаџер во Фондацијата Отворено општество во Будимпешта, се осврна на перспективите на ИПА фондовите за Роми. Тој потенцираше дека истражувањето одговара на прашањето колку фондови се дистрибуирани но не одговара на прашањето зошто е толку мал бројот на проекти и финансиски средства. И покрај ова, Реџепи укажа на уште еден проблем. Постојат проекти кои се финансираат од други извори, како што се на пример државните институции, но, според него, не постои синергија и синхронизација во намената на средствата. Тие се изолирани во проекти и постојат сами за себе. Тој смета дека граѓанскиот сектор треба да покаже повеќе активности за да стигне до фондовите на ЕУ, кои, од своја страна, бараат одговорност. По воведните презентации се разви дискусија. Учесниците кои беа претставници од државните институции ги кажаа своите видувања за интервенцијата на државата во подобрувањето на животот на ромската заедница. Тие зборуваа за инфраструктурните проекти во образованието и за проектите насочени кон мотивација на младите да се вклучат во образовниот процес. Дел од забелешките се однесуваа на бавните процедури на ЕУ заради кои активности кои биле програмирани во 2006 година се спроведуваат во 2013 кога можеби веќе не се потребни и не се релевантни. Елвис Али од Делегацијата на ЕУ сметаше дека треба да се направи напор да се дополни и прошири истражувањето со информации за други финансирани проекти. Дел од дискусијата беше насочена кон ревидирањето на Стратегијата за Роми, донесена во 2004, а потоа и за ревидирање на Акциските планови. Претставниците на граѓанските организации се заинтересирани да знаат зошто нивните проекти не поминуваат на јавните повици за ИПА фондовите, посебно во светло на лошата финансиска состојба во која се наоѓаат. Истражувањето направи појасна слика за тоа колку од ИПА фондовите на ЕУ завршуваат кај ромската заедница во Македонија, но отвори и други прашања на кои во иднина треба да се одговори.
|