Ставови за изборниот систем |
E martë, 24 dhjetor 2019 16:03 | |||
Во Македонија има потреба од реформа на изборниот систем со која ќе се воведе една наместо шест изборни единици, сметаат речиси половина (46,6%) од испитаниците во истражувањето посветено на актуелните политички случувања на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје (ИДСЦС). Вкупно 29,4% од испитаниците одговориле дека ваква реформа не е потребна, а 23,0% не знаат. Речиси идентичен е бројот (45,5%) на оние кои рекле дека е потребна реформа со воведување на отворени листи, додека за воведување на мнозински систем се изјасниле 37,2% од испитаниците. Со истражувањето беа проверувани и ставовите за нова политичка партија. Повеќе од половина од испитаниците сметаат дека во Македонија има потреба од нова политичка партија (51,9%). Сличен е и бројот (50,4%) на оние кои сметаат дека граѓаните се подготвени да гласаат за нова политичка партија, а 38,7% одговориле дека граѓаните не би гласале за нова партија. За мнозинство од испитаниците (57,7%) понудената програма е она со што новата партија може да ги придобие гласачите. Истражувањето „Гласачки ставови и перцепции за актуелни политички случувања“ е составено од три дела: Моментални политички случувања во државата, Ставови во однос на изборниот процес и Доверба во политичарите и политичките партии. Податоците за последната анкета беа прибирани со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.
|