Civic Practices no. 6 |
Автори: Тања Хафнер, Анифа Демирова, Анета Мишеска и Јован Ананиев “Застапувањето и лобирањето во граѓанските оганизации” и “Заштитата на човековите права низ механизмите на граѓанските организации”. На страниците на ова издание се презентирани размислувањата и ставовите на четири автори. Темите за кои пишуваат се: “Застапувањето и лобирањето во граѓанските оганизации” и “Заштитата на човековите права низ механизмите на граѓанските организации”. За застапувањето и лобирањето како активности што носат општествени промени сe почесто се зборува во граѓанскиот сектор. Освен тоа, сe повеќе проекти што ги спроведуваат граѓанските организации како инструменти ги користат застапувањето и лобирањето. Споредбата на првото (2001) и второто (2003) издание на публикацијата “Проекти на граѓанските организации во Македонија” (во издание на МЦМС) го илустрираше тоа зголемување од 4% на 32%. Токму поради тоа, сметавме дека треба да ги слушнеме размислувањата на оваа тема. Надвор од теоретските придонеси кои ги носат сите три текста за застапување и лобирање, ќе најдете и студии на случаи низ кои практично се гледа примената на двата инструменти. Освен студијата на случај што го третира Амнести интернационал, можете да ги прочитате и останатите три случаи, еден од Македонија и два од Хрватска. Во последниот текст посветен на заштитата на човековите права низ механизмите на граѓанските организации авторот тргнува од дилемата “дали граѓанските организации во потполност можат да ги заштитат човековите права или, пак, тие се само декор на демократијата?” Одговорот, според него, можеби е некаде помеѓу. Односно, тие истовремено имаат многу тесна формално-правна позиција, но зависно од нивната моќ во општеството, може да заземаат едно од водечките места. Се надеваме дека и овој пат ви понудивме интересни размислувања за понатамошна дискусија. Идејата на Граѓански практики е да ги направи подостапни ставовите и размислувањата на авторите, но и да ги предизвика вашите размислувања и ставови што ќе не одведат до поширока дискусија на овие теми. |