Градење на капацитети и модернизација на локалната самоуправа |
Thursday, 16 April 2009 11:49 | |||
Со процесот на децентрализација, голем дел од надлежностите за локалниот развој се делегирани на општинските администрации. Кај голем дел од локалните самоуправи, посебно руралните, човечките капацитети се недоволни за приближување на општините до граѓаните, реализирање на нови развојни инцијативи и испорака на поквалитетни услуги. Ефективно спроведување на новите ингеренции делегирани со процесот на децентрализација е условено од изградениот институционален и управувачки капацитет кој се јавува како еден од најважните фактори во обезбедување долгорочен и одржлив развој на заедниците. Зајакнувањето на институционалниот и управувачкиот капацитет на општините преку инвестиција во човечкиот развој е еден од предусловите за ефективна и ефикасна локална самоуправа која ќе биде спремна да одговори на потребите и барањата на своите граѓани во брзо и навремено решавање на проблемите во заедниците. Општа цел на проектот е подобрени услуги за граѓаните во заедниците. Цел на проектот се подобрени организациски и институционални капацитети на руралните и други мали заедници за развојни иницијативи. Целна група на проектот се граѓаните од 13-те фокус општини на програмата Локален развој на заедниците (ЛРЗ): Долнени, Могила, Карбинци, Лозово, Старо Нагоричане, Сарај, Јегуновце, Желино, Чашка, Конче, Теарце, Велес и Прилеп. Целното подрачје ги опфаќа горенаведените општини. Обуките и работилниците ќе се спроведат во Маврово, Охрид, Велес и Еде Холандија. Поддршката за модернизација ќе се спроведе во петте селектирани фокус општини. Очекувани резултати се: зајакнати човечки ресурси во локалните самоуправи за управување и раководење, и поттикната модернизација на услугите на локалните самоуправи. Активностите преку кои ќе се постигнат горенаведените резултати се: Обука за раководење со проектен циклус, Обука за раководење со човечки ресурси и тимска работа, Работилница за методологија за проценка и одредување на локални даноци и такси, Работилница за анализа на потребни капацитети за модернизација на услугите на локалните самоуправи, Поддршка на активности на локалните самоуправи за модернизација на услугите, и Градење на капацитети на МЦМС за развој на нови продукти за локалните самоуправи. Основната претпоставки за реализирање на целите во рамките на проектот се отсуството на значајни промени во структурата на локалната самоуправа и постоење на капацитет на локалните самоуправи за навремено и успешно спроведување на проектите кои ќе бидат финансиски поддржани од МЦМС. МЦМС има одговорност за управување на проектот, а заедно со општините имаат одговорност за негово спроведување. Посебен ризик за за навремената и успешната реализација на проектот се согледува во спроведувањето на претседателските и локални избори во март 2009, што може да резултира во недоволен интерес за учество на планираните обуки и работилници, и недоволен интерес за пријавување на повикот за финансиска поддршка на проекти за модернизација на услугите на локалните самоуправи. Исто така, можен ризик за успешна реализација на проектот е премногу оптимистичкото планирање и недоволниот капацитет на локалните самоуправи за навремена и успешна реализација на проектите кои ќе бидат финансиски подджани од МЦМС. Финансискиот план на проектот изнесува 1.380.000 МКД (директни трошоци). МЦМС обезбедува 1.230.000 МКД (директни трошоци) средства кои се донација на ЕЕД од Германија (www.eed.de). Останатите средства се сопствено директно учество на општините во износ од 150.000 МКД.
|