Претседателските кандидати за дискриминацијата |
Tuesday, 17 March 2009 16:24 | |||
Коалицијата Македонија без дискриминација, денес (17 март 2009 година) ги повика претседателските кандидати да ги кажат своите ставови во врска со креирањето ефективна законска рамка преку донесување на општ Закон за заштита од дискриминација и формирање независно тело за заштита на човековите права. На дебатата одржана во хотелот Континентал се одѕваа кандидатите: Љубе Бошковски, Ѓорѓи Иванов, Нано Ружин, Имер Селмани и Љубомир Фрчкоски. Прашањето на дискриминација, за сите присутни претседателски кандидати е многу важно. Бошковски ќе се залага за уредување на ова проблематика во сите сфери на општественото живеење, Иванов, како претседател, ќе го поддржи овој закон. Нано Ружин, пак, како претседател не би го потпишал овој закон заради неговите слабости. Забелешките што ги има Коалицијата треба, според него, да бидат предмет на јавна расправа и да влезат во Законот. Имер Селмани, смета дека не е потребен само Закон туку и посебно тело за спроведување на Законот. Последниот присутен претседателски кандидат сегашниот текст на Законот го оцени како апстрактен, препишан и без фокус на групите во потреба. Смета дека текстот не дава ефективна основа за заштита од дискриминација и остава простор за исклучоци од казнувањето за акти на дискриминација без таксативно да ги наброи. Ваквиот текст, според него, е израз на авторитарно општество. Законот не треба само да биде пасивна забрана на дискриминацијата туку да промовира еднаквост. Присутните се интересираа за ставовите и мислењата на кандидатите за жените како група во дискриминација, за ЛГБТ популацијата, за тоа како ќе се направи баланс меѓу традиционалното и модерното, за индивидуалните права итн. Членки на Коалицијата се: Асоцијација за демократски иницијативи - АДИ Гостивар, Ел Хилал, Македонски центар за меѓународна соработка – МЦМС, Македонска асоцијација за слободна сексуална определба - МАССО, Македонски центар за женски права, Полио Плус-движење против хендикеп, Прва детска амбасада во светот – Меѓаши , Сојуз на организации на жени на Република Македонија – СОЖМ, Центар за човекови права и разрешување на конфликти, ХДЗР Месечина, ХОПС – Опции за здрав живот. Медиумите за дебатата на претседателските кандидати за прашањата на дискриминација.
|